„Поздрав драги мои пријатели, денес ќе ви откријам многу лесен рецепт од турската кујна за печива кои се толку вкусни што веднаш ќе ги засакате. Верувам дека и на вас ќе ви се допадне рецептот, нема кој не ги сака. Подготовката е толку едноставна што често ќе ги подготвувате за вас и за вашите најблиски“, вели Валентина Машковиќ.




Тестото се замесува на класичен начин, како и за сите други печива, се остава да стасува, па потоа се развлекува, се завиткува во ролат и од него се сечат помали печива од големото тесто кои се полнат со виршлички. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млеко, 200 мл вода, 100 мл масло, 1 јајце, 30 г квасец, 1 лажица шеќер, 2 лажички сол, 850 г брашно, 125 г путер или маргарин, 500 г виршли, 1 јајце за премачкување и неколку виршлички (сечени на парчиња).




ПОСТАПКА: За подготвка на тестото, најпрво состојките кои се чуваат во фрижидер како јајце, млеко, путер, треба да бидат отстојани на собна температура минимум 1 час пред подготовка на печивата. Во еден подлабок сад ставете 200 мл млеко, додајте 200 мл вода, 30 г квасец и 1 лажица шеќер.




Фино измешајте ги состојките со жица или маталка и продолжете да додавате 100 мл масло и 1 јајце. Убаво инкорпорирајте ги состојките додека да се формира фина и еднолична смеса. Потоа додајте 2 лажици сол, па започнете постепено да го додавате брашното.




Отприлика ќе ви биде потребно околу 800 г брашно за да го замесите тестото и уште 50 г за домесување, после стасувањето. Тестото замесете го да биде целосно, компактно и меко, па потоа ставете го во садот да стасува, покриено под крпа. Доволно е да го оставите 20-тина минути.




По изминатото време, префрлете го тестото на работна површина која треба да биде набрашнета и размесете го уште малку. Со помош на оклагија, развлечете го тестото тенко и премачкајте го со растопен путер или маргарин, па завиткајте го во ролат.




Потоа, од ролатот се сечат тенки парчиња кои треба да бидат со дебелина од половина дланка. Вака подготвените теста кои се вртени како пита, се развлекуваат во круг сосем малку со прстите, притоа додавајќи им брашно. Од внатрешната страна се премачкуваат со растопен путер или маргарин и на средина се става 2-3 сечкани парчиња виршли.




Преклопете ги печивата, како што ги подготвувате едно по едно како панцерота и убаво прилепете ги краевите на тестото. Вака подготвените печива се редат во плех, обложен со хартија за печење и се премачкуваат со 1 јајце и одозгора се наросуваат со сусам или некои други семки по ваш избор.

Печивата печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, 25 минути додека да поруменат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото OВДЕ.