Сите посни состојки за жербо колачиња кои веќе ги имаме напишано се однесуваат на бомбиците, но сега може да ги пробате и во колач верзија, кој се послужува со сечење на коцки. Прекрасна мала торта/колач од кој излегуваат многу парчиња, без разлика за која пригода подготвувате.
Овој колач е посен, а оние кои го пробале си го прават и во деновите кога не се пости, бидејќи многу е вкусен. Постапката е многу едноставна: најпрво се подготвува тестото за кора, а потоа и филот. Може да го правите со џем од кајсии или некој друг џем по ваш избор. Еве кои состојки ви се потребни за да го направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл минерална вода, 1 лажица шеќер, 5 г сув квасец или 20 г свеж, 500 г меко брашно, 200 мл масло. ЗА ФИЛ: 250 г мелени ореви, 250 г шеќер, количина џем од кајсии по желба. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г посно чоколадо, 2-3 лажици масло.
ПОСТАПКА: Во кисела вода на собна температура, која сте ја ставиле во еден подлабок сад, додајте го шеќерот и квасецот и измешајте и оставете настрана додека квасецот да набубри, за што ќе бидат потребни 10-тина минути. Во поголем сад каде што ќе го замесувате тестото ставете помалку од половина брашно. Кога квасецот ќе почне да набубрува, додајте го во поголемиот сад заедно со маслото и повторно соединете.
Постепено додавајте го остатокот од брашното и замесете тесто од целата количина. Кога ќе замесите мазно и меко тесто, кое нема да се лепи под прсти, покријте го во садот со крпа или проѕирна фолија и оставете да отстои додека го подготвувате филот.
ЗА ФИЛОТ: Измешајте ги мелените ореви заедно со шеќерот во прав и настрана подгответе го џемот од кајсии. Доколку кајсиите се поцврсти и крупни, може да ги исечете на помали парчиња и да ги омекнете со нежно загревање на рингла. Поделете го тестото на 4 еднакви делови.
Земете еден плех каде што ќе го печете колачот и премачкајте го со масло. Првиот дел од тестото развлечете го со големина на плехот, завиткајте ја првата кора на оклагија, па со одмотување префрлете ја во плехот и потоа натапкајте ја површината со прстите.
Премачкајте го џемот од кајсии рамномерно колку што сакате, повеќе или помалку. Потоа посипете една третина од смесата со ореви и шеќер во прав. Повторете го овој процес на растегнување, премачкување и посипување уште 2 пати.
Четвртата кора развлечете ја и префрлете ја во плехот, фино израмнете ја и избоцкајте ја нежно со вилушка. Вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени и ставете го колачот да се пече, а додека чекате рерната да се загрее, колачот нека отстои на собна температура за тестото уште малку да одмори.
Печете го колачот околу 35 минути, со повремено проверување, треба да фати малку светло кафена боја. Испечениот колач извадете го од тавата и превртете го на метален плех или дрвена даска со долната страна да биде одозгора. За колачот малку да се израмни, додека се лади, врз него ставете го плехот каде што се печеше и наредете 2 цели брашна или млека, што било, колку да држи тежина.
Оставете да се излади. На крајот доколку сакате, може да го прелиете колачот со чоколадна глазура, но и нема потреба, доволно е богат и може само да се нароси со шеќер во прав. Доколку се одлучите да ја направите глазурата, постапката е следна:
Чоколадото со масло растопете го на тивок оган или на пареа и прелијте го врз колачот, па израмнете и оставете го чоколадото да се стегне. Се сече на коцки и се сервира. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.