Ладните денови бараат топли јадења кои се чорбести и се јадат со лажица, бидејќи само тиое најдобро го закрепнуваат целиот организам и тоа со само една порција. Ваквите јадења кои се приготвуваат со мешунки и житарици треба да бидат задолжителни во текот на зимскиот период.




Затоа што таквите денови се токму пред нас, ви предлагаме да го испробате варивото со јачемн кое се приготвува многу лесно. Ќе ви претставиме посна и мрсна верзија кои се одлични и многу вкусни, па ви препорачуваме да ги испробате и двете јадења.




РЕЦЕПТ 1 – ПОСНА МАНЏА СО ЈАЧМЕН – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 100 г јачмен, 1 голема главица кромид или две помали, 3 моркови, малку доматен сос, 4 компири, сол, црн пипер и сув зеленчуков зачин по вкус

РЕЦЕПТ 2 – МАНЏА СО ЈАЧМЕН И ЈУНЕШКО МЕСО – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 лажица маст, 150 г сланина, 1 главица кромид, 250 г јачмен, 2 супени лажици доматно пире (концетрат), 1 морков, 100 г грашок, 2 компири, 300 г јунешко месо, сол, црн пипер, црвена сува пиперка




ПОСТАПКА за рецепт 1: јачменот прелијте го со топла вода и оставете го да отстои два часа, па процедете го. Кромидот ситно исечкјате го и испржете го на малку масло додека да омекне. Ако варивото го сакате погусто, испржениот кромид испасирајте го со рачен блендер.




Морковот измијте го, излупете го и исечкјате го на тркалца. Додајте го во кромидот и продолжете со динстањето на умерена температура. Кога малку ќе омекне и морковот, додајте го испраниот јачмен и пропржете го кратко.




Потоа прелијте со вода, додајте доматен сос (1-2 лажици или по вкус) поклопете и оставете да „крчка“ на тивко додека да омекне јачменот. Истава чорбичка ја имам пробано и со суво месо и можам да ви кажам дека има перфектен вкус, па доколку не постите, ставете и малку сечкано суво месо.




По потреба повремено долевајте по малку вода. Пред крајот додајте компир исечкан на коцки и продолжете со готвењето додека јачменот и компирот целосно ќе бидат сварени. Зачинете по желба. А еве го и вториот рецепт, кој според вкус и квалитет може да се спореди со чорбите од елитните ресторани:




ПОСТАПКА за втор рецепт: На малку маст издинстајте го ситно сечканиот кромид и морковот, а потоа додајте ја сланината. Кога и таа ќе се запржи додајте го јунешкото месо исечкано на коцки (за да биде посочно месото, најдобро е претходно да се извалка во брашно и кратко да се запржи во врело масло колку да му се затворат порите).




Динстајте на умерена температура со повремено долевање на вода. Потоа додајте го испраниот јачмен (најдобро е ако отстои неколку часа во топла вода), а потоа и грашокот. Зачинете и залијте со вода. Додајте ги сите состојки и гответе уште 2 часа или додека месото целосно да биде омекнато.