Еве како просто и едноставно да спремите кифлички кои се многу сочни, излегуваат слоевити и се богати со фил. Рецептот на Валентина сите го обожаваат и доби многу пофални зборови. Таа вели дека овие кифлички се подготвуваат многу побрзо и од обичните.




За подготовката на овие кифлички не ви требаат многу состојки, а не треба ни да ги чекате предолго време. Ги соединувате сите состојки, поделувате на помали парчиња и развлекувате и обликувате во кифлички, кои може да бидат полнети со фил или шупливи, и на тој начин излегуваат многу сочни.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши вода (чаша од 200 мл), 2 жолчки, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 30 г квасец, 6-7 чаши брашно (чаша од 200 мл). И УШТЕ: 250 г путер или маргарин, 100-150 мл масло. ЗА ФИЛ: Користете фил по сопствен избор, во продолжение може да го прочитате филот кој го подготвува Валентина.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад каде што планирате да го замесите тестото ставете 2 чаши вода од по 200 мл, кои треба да бидат на собна температура. Во водата додајте го сувиот квасец, па додајте 1 лажичка шеќер. Измешајте малку и почекајте квасецот да набубри околу 1-2 минути.




Постепено започнете да го додавате брашното, па додајте 2 лажички сол. Замесете фино тесто со средна цврстина и ставете го во една кеса да стасува околу 10 минути. Во меѓувреме подгответе си фил за тестото, може да биде со спанаќ, пилешко, мелено месо, кашкавал, сирење, урда…




По изминатото време, префрлете го тестото на набрашнета површина, размесете го уште малку и поделете го на 14 еднакви делови. Секој дел од тестото формирајте го во фино топче. Во еден огноотпорен сад ставете го растопениот путер/маргарин и одозгора прелијте со масло.




Топчињата од тестото оставете ги да отстојат околу 4 минути малку да одморат. Секој дел од тестото се развлекува во лента, колку што повеќе можете и вака подготвените јуфки се редат во садот со путер и масло. На овој начин, тестата се оставаат да отстојат околу 15 минути и за тоа време повремено наквасувајте ги одозгора со маслото, за да не се исуши тестото.




Преку лентите може да ставите фолија за да не фатат коричка. По изминатото време, земете една по една лента и ставете ја на набрашнета површина. Малку истенчете ја со прстите, да биде како подебела лента/кора и на едниот крај ставете го сирењето и завиткајте ги како ролат кифличка.




Кифличките треба да бидат цврсто затегнати во тестото, со држење на едниот крај додека го виткате другиот крај. И така додека стигнете до крајот на обликување на целата кифличка, како што е прикажано на видеото подолу.

Овие кифличкки излегуваат многу големи и се доста слоевити. Вака подготвените кифлички се редат во еден плех, обложен со хартија за печење. На истиот начин се подготвуваат и останатите кифлички. Кифличките не треба да се премачкуваат со масло, бидејќи веќе имаат попримено од претходно. Премачкајте ги со жолчка и оставете ги да нараснат уште 45 минути.

Формираните кифлички може да ги наросите со сусам или некои други семки по ваша желба, а потоа печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20-тина минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.