Ако ви се јаде нешто слатко, а немате многу време, ова се одлични рецепти кои ќе ги задоволат вашите барања и што е најважно, ќе ги подготвите за кратко време, без многу состојки и нема да валкате многу садови при нивната подготовка. Во продолжение прочитајте ги рецептите за најпознатите старински колачи со џем и направете си го омилениот:
I РЕЦЕПТ. ШТРУДЛА СО ЏЕМ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 500 г брашно (тип 500), 250 мл млеко, 100 мл масло, 2 јајца, 1/2 коцка свеж квасец (25 г), 1/2 лажичка сол, 5 лажички шеќер. За премачкување: 1 жолчка од јајце, неколку капки масло, џем.
ПОСТАПКА: Измешајте го квасецот во 250 мл млако млеко и додајте една лажица шеќер. Оставете да стасува околу 15 минути. Во брашното додајте квасец, јајца, масло, шеќер и сол. Замесете мазно тесто. Можете да ги измешате состојките со помош на миксер, а кога ќе почне да се стврднува тестото преминете на мешање со раце.
На малку набрашнета површина замесете го соединетото тесто уште малку. Тестото се дели на два еднакви делови (две кори), се покрива со крпа и се остава 45 минути да стаса. Кората развлечете ја колку што можете, па намачкајте ја целата површина на тестото со џем.
Свиткајте ги во ролат и наредете ги во подмачкана тава. Ролатите премачкајте ја со жолчка во која сте додале неколку капки масло. Се пече околу 45 минути на температура од 200 степени. Готовата штрудла наросете ја со малку вода, покријте ја и оставете малку да се излади. Штрудлите наросете ги со шеќер во прав и послужете ги додека се уште топли.
II РЕЦЕПТИ. ВАНИЛИЦИ СО ЏЕМ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млако млеко, 8 г сув квасец (една кесичка), 100 мл масло, 4 лажици шеќер, 250 г путер, 2 жолчки, 1 цело јајце, 650-700 г брашно За фил ќе ви биде потребно: 250 г мелени ореви, 2 белки и една лажица шеќер во прав.
ПОСТАПКА: Прво ставете го млакото млеко, квасецот и шеќерот, промешајте и оставете 10-тина минути за да се активира квасецот. Потоа во стасаниот квасец додајте 100 мл масло, две жолчки, едно цело јајце, преостанатиот шеќер и путерот омекнат на собна температура.
Додајте малку брашно и месете брашно. Постепено додавајте брашно по потреба и месете го додека да добиете убаво мазно тесто. На крај доработете го на работна површина. Покријте го и оставете го половина час да стасува. За тоа време пригответе го филот. Двете белки изматете ги пенасто со миксер заедно со една лажица шеќер во прав додека да добиете снег.
Потоа постепено додајте мелени ореви и промешајте со лажица за да се соедини смесата. Кога тестото ќе стаса кинете од него парчиња, формирајте топчиња и сплеснувајте ги тенко со помош на дланките. Во средината со лажичка црпнете од филот, а потоа малата коричка преклопете ја и со прстите затворете ја од сите страни формирајќи ружичка.
Вака формираните ружички редете ги во плех обложен со хартија за печење. Редете ги на растојание бидејќи ружичките додека се печат нараснуваат. Освен со филот од ореви можете да ги полнете и со џем. Откако ќе го наполните плехот оставете ги малку да стасаат за да пораснат.
Откако ќе поминат неколку минути, ставете ги во загреана рерна на 200 степени да се печат 10-15 минути додека малку да заруменат. Печените ружички оставете ги малку да изладат, а потоа убаво валкајте ги во шеќер во прав.
III РЕЦЕПТ. КОЛАЧ СО ГРИЗ И ЏЕМ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 чаши гриз, 2 чаши брашно, 1,5 филџан за кафе масло, 1 кесичка сода бикарбона, 2 чаши вода, 3 лажици џем по ваш вкус, 2-3 лажици кокосово брашно.
ПОСТАПКА: Сите состојки по редоследот измешајте ги во подлабок сад. Добиената смеса излејте ја во намастен и набрашнет плех со средна величина. Ставете во загреана рерна да се пече на 200 степени околу половина час.
Со игла или чепкалка пробајте дали колачот е печен. Извадете го печениот колач од рерна и оставете го да излади. Одозгора наросете го со кокосово брашно. Пред сервирање исечете го на коцки.