Нема некој што не обожава да јаде палачинки, а овие колачиња се направени од истата смеса. Меки како памук, се топат во устата, при секој залак. Особено кога ќе се спојат со чоколадо и кокос, никој не им останува рамнодушен.




Овие колачиња може да ги направите во секое време кога ќе ви се пријаде нешто благо. Многу се вкусни, а јас често практикувам да ги правам бидејќи имаат вкус на палачинки, но процесот на подготовка оди многу побрзо.




Наместо да печам една по една палачинка, правам една голема, па после сечам на помали парчиња. Секако често подготвувам и палачинки, многу ги сакаме, но ова ми резерва рецепт кога ми треба нешто брзо, но многу вкусно. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 јајце, 200 мл млеко, 200 г шеќер, 2 големи лажици мед, 1 голема лажица масло, 300 г брашно, 1 мала лажица прашок за печиво. ЗА ГЛАЗУРА: 200 г чоколадо, 250 г путер, мали лажици млеко и 250 г кокос за крај.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе го тестото: 1 јајце изматете го пенасто со додавање на шеќерот, додека тој да се растопи и да се направи кремаста смеса. Додајте го маслото, медот и повторно соединете ги сите состојки додека да се добие еднолична смеса.




Постепено започнете да го додавате млекото додека непрекинато матите со миксерот, па кога целото ќе го додадете, смесата ќе стане малку потечна и нема да се лепи како претходно. Потоа додајте го брашното, измешано со прашокот за печиво.




Брашното се додава полека додека мешате со шпатула, сè додека да добиете смеса, слична на онаа за подготвување на палачинки. Во голем плех со димензии 34х23 см, обложен со хартија за печење, излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја.




Палачинката се става да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени, а отприлика ќе биде потребно 20 минути за убаво да се испече. Во меѓувреме подгответе ја глазурата: чоколадото исечкајте го на ситни ленти, па во тенџере на рингла ставете го заедно со додавање на 3 лажици млеко.




Кога чоколадото ќе почне да се растопува, додајте го путерот (цел или исечкан на коцки) и мешајте додека сите состојки да се инкорпорираат. Трнете од рингла и префрлете ја глазурата во еден подлабок сад или оставете ја во тенџерето, а на посебно место во друг сад ставете го мелениот кокос.




Кора кората со палачинка ќе се испече, почекајте малку да се олади, па пресечете на помали правоаголни колачиња. Секое колаче треба да го натопите во чоколадната глазура, а потоа да го залепите во кокосовите трошки.

Колачињата се редат на жица да се исцедат од вишокот чоколадо, па се послужуваат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.