Ова јадење го правам многу често, а домашните го обожаваат. Лазањите се подготвуваат додека трепнете. Ручекот е готов за помалку од 1 час, само ги редите состојките и мачкате. Особено убав во овој рецепт е бешамел сосот, прочитајте и зошто. Еве кои состојки ви се потребни:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 700 г мелено месо, 450 г доматен сос, 100 мл маслиново масло, 100 мл вода. ЗА БЕШАМЕЛ СОСОТ: 1 литар млеко, 1 главица кромид, 5 каранфилчиња, 200 г брашно, 100 г путер. И останато: 500 г лазањи, 100 г пармезан и уште малку рендан кашкавал, плус зачини (сол, црн пипер, слатка зачинска биберка, сув магдонос, сув босилек, лук во гранули, шеќер…)
ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го меленото месо. Во едно тавче ставете 100 мл маслиново или некое друго масло по ваш вкус и ставете го меленото месо. Пржете го на средна кон висока температура додека да посиви, да ја испари водата и да фати малку коричка, со повремено мешање.
Кога месото ќе фати фина коричка, се додава 450 мл доматен сос, а веднаш потоа и 100 мл вода. На овој начин се готви уште околу 5 минути, додека да испари водата, а доматниот сос да се апсорбира во месото, кое треба да стане кремасто.
Пред самиот крај од готвењето, месото се зачинува по вкус со сол, црн пипер, сув босилек, сув магдонос и слатка или лута зачинска пиперка. Можете на крајот да додадете и половина лажичка шеќер. Шеќерот ќе придонесе за вкусот на месото да биде поздлабочен.
ЗА БЕШАМЕЛОТ: 200 г брашно се става на едно нелепчиво тавче и малку се пропржува додека да фати сосем малку боја. Во посебен сад истурете го ладното млеко (1 литар) и зовријте го на рингла. Кога брашното ќе се пропржи, во него се додава 100 г путер.
На ниска температура, путерот се растопува во брашното и се прави во фина, густа смеса. Кога смесата ќе се соедини, се трга од рингла. Во зовриеното млеко, се додава 1 излупена главица кромид, кој претходно сте го избоцкале со 5 каранфилчиња, по средната линија која би ја поделила главицата на половина.
На овој начин, кромидот и каранфилчето се варат во млекото 7-8 минути, додека да ја пуштат својата арома. По изминатото време, кромидот се вади од млекото, па во смесата се додава 4-5 лажици од смесата од брашно и фино се соединува, додека да добиете густ, бешамел сос. Останатата смеса од брашно и путер може да си ја чувате во фрижидер за нареден пат.
Ова може и по обратен редослед да го направите, односно во брашното да го додавате млекото. Потоа додајте сол и зачинете по вкус со гранулиран лук (во прав) и црн пипер. Кога ќе го соедините сосот, тргнете го од рингла и во него додајте малку рендан кашкавал. Измешајте додека да се растопи.
РЕДЕЊЕ: Во еден огноотпорен сад, се премачкува на дното со бешамел сосот. Се става еден ред листови лазањи, се прелива со топлиот бешамел сос, потоа се става мелено месо, па кашкавал. На овој начин продолжете со редење додека да ги потрошите сите состојки.
Горната кора премачкајте ја со бешамел сосот што ќе преостане во кој ќе ставите половина од пармезанот, наросете со уште малку кашкавал и оние 50 г пармезан што ви преостанаа. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25-30 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.