Ова е рецепт кој се наследува преку низа генерации во нашето семејство, а сите што го пробале се задоволни. Вака подготвената туршија, има рок на траење до наредната сезона, но за нестрпливите, бидејќи излегува навистина многу вкусна, може да ја јадете уште следниот ден.
Туршијата е позната македонска зимница која се прави секоја есен, а нема кој не yжива во неа. Не постои посебен рецепт за подготовка на туршија, важно е само да следите некои едноставни совети кои може да ги прочитате во продолжение. Првиот рецепт е без конзерванси, а салатата може да ја јадете уште следниот ден.
Многу е важно зеленчукот што ќе го одберете, да биде здрав, цврст и без разни дамки или испакнатини на себе. Краставиците и пиперките што ги ставате треба да бидат цврсти. Пиперката, исто така, треба да биде крцкава, цврста, без меки делови, а исто така, важно е зеленчукот да го проверите и одвнатре, а не само однадвор.
Количината на карфиолот зависи од вашиот избор и желба, како и зеленчукот што ќе го ставите. Карфиолот мора да биде бел како снег, да нема жолти или жолтеникави делови кои укажуваат дека започнал да венее. Морковите не треба да бидат меки. Обично, се додаваат и зелени домати, свежа зелка исечена на неколку парчиња и кромид, во зависност од вкусот.
Зеленчукот што се става во туршијата мора да се измие многу добро и да се исцеди пред да се стави во буре. Најдобро е зеленчукот да го истриете со сода бикарбона и кујнска четка или сунѓер. Старите домаќинки повеќе претпочитаат чистење со четка затоа што подобро ги мие сите вдлабнатини и пори на зеленчукот. Зеленчукот се мие во три води.
Исто така добро измијте го садот во кој ќе го ставите зеленчукот. Најдобро е садот да се премие со топла вода, па потоа со раствор од оцет и вода. Зеленчукот што има дршка како пиперката на пример, потребно е да ја извадите, истото се прави со краставиците, се отсекуваат врвовите, средниот дел од каде што почнува дршката и семките (доколку има).
Карфиолот се сече на помали цветчиња, морковот се лупи, кромидот исто така треба да е добро исчистен. Зелката е важно добро да се провери, првите лисја се вадат, се сечат и се прегледуваат одвнатре.
Во туршијата, обично се реди ред пиперки, потоа ред краставици, ред домати, ред карфиол и така сè додека зеленчукот да се потроши. Потоа се прелива со солилото.
Доколку сакате да подготвите туршија без конзерванси, која ќе можете да ја јадете уште следниот ден, прочитајте го следниот рецепт:
РЕЦЕПТ 1. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг краставици, 1 кг моркови, 1/2 кг зелени домати, 1/2 кг зелени пиперки, 1 кг карфиол, 1 кг зелка. Други потребни состојки: 750 мл алкоxолен оцет, 250 г шеќер, 150 г сол, 250 мл вода, 1/2 литар масло, 1 кесичка црн пипер.
ПОСТАПКА: Измијте го целиот зеленчук и исечете го на прстени, а зелката на тенки парчиња. Морковот сварете го околу 5 минути, оставете да излади, па исечете го на кругови. Во тенџере ставете вода, оцет, шеќер, сол, масло и црн пипер и варете на тивок оган додека да зоврие.
Откога ќе зоврие, распоредете ја водата во тегли во кои претходно сте го ставиле зеленчукот. Теглите поставете ги врз крпи, а солилото додавајте го постепено за да се загреат теглите. Потоа затворете ги. Салатата може да се јаде уште следниот ден.
Солило за 5 кг туршија (ВТОР РЕЦЕПТ): 3 литри вода, 1 литар алкохолен оцет, 150 г сол, 200 г шеќер, 10 г конзерванс*, 5 г винобран*, 1 ќесичка црн пипер во зрна ПОСТАПКА: Сварете 1 литар вода и оставете да се подизлади, потоа додајте го шеќерот, конзервансот, винобранот и црниот пипер.
Промешајте за да се растворат состојките, па додајте го остатокот од водата и оцетот. Оставете течноста целосно да се излади, па прелијте го сето тоа врз зеленчукот. Друг начин е да ги искомбинирате оцетот и водата, потоа да се додадат другите состојки, но со овој начин потребно е да мешате повеќе време бидејќи конзервансот е потешко да се раствори во ладна вода.
Конзервансот секогаш се става во млака вода, а не директно во зовриена. Садот цврсто се затвора со соодветен капак и се остава да отстои 21 ден без да се отвори.