Омилените палачинки се уште повкусни и попривлечни кога ќе ги намачкате со домашен џем од сливи. Но, ако во овој џем додадете и неколку лажици какао, ќе добиете уште подобар и повкусен намаз од претходниот.
Всушност, џемот од модри сливи е еден од најомилените македонски намази. Класичниот рецепт е познат по квалитетниот вкус, но и по неговите исклучителни лековити својства.
Овојпат ви предлагаме да го збогатите неговиот вкус со какао (или црно чоколадо), кое освен што е силен антиксиодант, исто така е богато и со железо кое помага да се подобри имунитетот.
Џемот се пече во рерна, па не мора да стоите покрај шоретот, што е огромна предност во неговото приготвување, а исто така, се додава и малку балсамико или вински оцет за да се нагласи неговиот вкус и боја. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг модри или друг вид сливи (нечистени), 1 супена лажица балсамико или вински оцет, 100 г шеќер, 1 супена лажица екстракт од ванила и 4 супени лажици какао во прав (најдобро е набавите органско, квалитетно какао, а по вкус може да биде засладено или не)
ПОСТАПКА: Сливите добро измијте ги под млаз ладна вода, а потоа исчистете ги од семките и исечкајте ги на помали парчиња. Може да ги оставите и на половинки, но ако ги исечете поситно, многу побрзо се испекува џемот.
Исечканите сливи прелијте ги со една супена лажица оцет, најдобро да е балсамико, но може и вински оцет. Оцетот им ги истакнува бојата и вкусот на сливите, а при печењето испарува и воопшто не се забележува по вкус и мирис.
Потоа наросете 100 г шеќер. Јас не ставив многу шеќер затоа што моите сливи се слатки, а вие ставете повеќе или помалку во зависност од вашите сливи. Може да користите обичен бел шеќер, интегрален, брезов или некој по ваш избор.
Промешајте ги сливите за да се распоредни рамномерно шеќерот, па истурете ги во огноотпорен сад и печете во рерна на 180 степени околу еден час, а на половина од печењето покријте ги со фолија. Извадете ги од рерна и директно во садот во кој се печеа додајте додајте една лажица ванилин екстракт и четири лажици какао во прав.
Промешајте добро за да се распоредат состојките, а потоа измиксајте ја смесата со рачен блендер додека да добиете фина и мазна структура. Џемот складирајте го во стаклена тегла и чувајте го во фрижидер.
Ако правите поголема количина за зимница, тогаш направете пастеризација на теглите или полнете ги топло со топло за да се вакумираат. Деталите погледнете ги ОВДЕ.