Чоколадните топчиња од три состојки се омилениот десерт кога сакате да приготвите нешто брзо, а вкусно, особено за некоја коктел-забава. Комбинацијата на трите состојки е совршена, топчињата се прават за 10 минути, а се јадат во еден залак.




Особено доколку сте љубител на комбинацијата од кикирики и чоколадо, подгответе двојна количина, за да остане нешто и за гостите. Јас редовно ги подготвувам, особено за ненадејни гости. Додека да го сварам кафето и топчињата ги правам, зашто веднаш можат да се послужат.




Можеби ќе ве потсетат на „сникерс“ чоколатцата, но овие се уште подобри, затоа што се домашни. Нема потреба да ги декорирате или да ги преливате со чоколадо, доволно е да ги наредите во хартиени корпички, зашто сами по себе се многу декоративни. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г сирови кикирики (или истостирани и излупени), 500 г црно квалитетно чоколадо + 1 супена лажица масло за готвење, 200 г кондензирано млеко (можете да го набавите во поголемите супермаркети)




ПОСТАПКА: Денес во супермаркетите продавниците за здрава храна може да се најдат и готови, испечени/истостирани и излупени кикирики, но доколку повеќе преферирате сами да ги тостирате, тогаш набавете сирови и лупени.




Кикириките наредете ги во еден слој во плех и испечете ги во рерна загреана на умерена температура со повремено промешување. Доволно е само малку да пожолтат и убаво да замирисаат. потоа извадете ги од рерната и оставете ги да се оладат.




Оладените кикирики сомелете ги во муктрипрактик, но не премногу ситно, за да може да се почувствуваат и ситните парчиња. Доколку немате ваков апарат, може да ги исечкате врз даска за сечкање. Потоа искршете го чоколадото на коцки и ставете го да се растопи на пареа.




Додајте и една лажица масло, па мешајте додека чоколадото да стане целосно течно. Додека сè уште е топло во него додајте го кондензираното млеко, па убаво промешајте за да добиете изедначена, хомогена смеса.




Додајте ги сечканите кикирики, па сето добро соединете го. Со рацете кинете приближно еднакви парчиња и со дланките формирајте топчиња со големина по желба. Доколку сакате можете да ги редите во хартиени корпички и веднаш да ги послужите или да ги чувате во фрижидер. Деталите погледнете ги ОВДЕ.