Наместо купечки кори или да тегнете и развлекувате домашни кори од тесто, ќе ви покажам како да направите „лажна пита“ со помош на компир и морков. Питата се филува со сирење и младо лукче кога му е сезоната, но може да ставите перца од кромид, магдонос, копар, спанаќ, блитва или што имате во моментот.




На едноставен начин ќе приготвите добра вечера или појадок, а кај мене дома се јаде и за ручек, особено во работни денови зашто не одзема многу време за подготовка. Само наредете ги филовите и потпечете ја питата во рерна.




Сирењето измешајте го со кашкавал кој при печењето се топи и на питата и дава неодолив вкус, а ќе ја засакаат и вашите деца и ќе успеете да ги убедите да јадат повеќе зеленчук. Еве што ви е потребно за ова вкусно јадење без месо:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 45 мл маслиново масло, 45 мл млеко, 1 полна лажица брашно (20 г), по 1 лажичка сол, црн и црвен пипер, магдонос, 5 компири (средно-големи), 2 големи моркови, 80 г сирење, 100 г чедар кашкавал или по избор, 4 млади кромитчиња/лукчиња или нешто друго „зелено“ по избор.




ПОСТАПКА: Компирите измијте ги пред и откако ќе ги излупите, па изрендајте ги од крупната страна на рендето. Истото направете го и со морковите. Ренданиот зеленчук ставете го во подлабок сад и прелијте со еден литар ладна вода. Промешајте го и оставете го да отстои 5 минути.




Потоа процедете го водата и оставете го да се доцедува додека го приготвувате филот. Во еден длабок и широк сад ставете 80 г ситно сирење, фета или некое по ваш избор, 50 г рендан кашкавал (чедар, моцарела или друго), ситно исечкана една китка свеж магдонос и ситно исечканите млади кромитчиња/лукчиња.




Промешајте додека сите состојки рамномерно се распоредат. Потоа пригответе го преливот: во подлабок сад скршете три јајца, додајте 45 мл масло и 45 мл млеко, па со жица маталка соединете ги состојките. Потоа додајте полна лажица брашно и зачините, па уште еднаш изматете додека смесата да стане хомогена.




Во течната мешавина додајте ги исцедениот компир и морков, па промешајте. Огноотпорниот сад со помали димензии намастете го со путер, па распоредете половина од смесата на дното и натапкајте со лажица. Потоа распоредете го филот од сирење и израмнете.




Одозгора распоредете ја втората половина од мешавината (компир и моркови), израмнете, натапкајте и одозгора распоредете уште 50 г рендан кашкавал, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу половина час. Кога малку ќе се подизлади, сечете ја и послужете ја. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.