Кога станува збор за колачи, оние кои се полни со фил, се посебно вкусни бидејќи се топат во уста. Рецептот за овој вкусен и кремаст колач ни го претстави нашата драга членка Александра Шуманова во групата НМД рецепти. Во продолжение може да прочитате уште 2 рецепти:




Потребни состојки за кора (прв рецепт): 5 белки, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 100 г мелени ореви, 100 г рендано чоколадо, 1 прашок за печиво, 100 г брашно. За глазура: 50 г путер/маргарин, 2 лажици млеко и 100 г чоколадо. За фил: 5 жолчки, 100 г брашно, 2 лажици нишесте/густин, 500 мл млеко, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 200 г путер и 150 г шеќер во прав.




Постапка: Пенасто се матат белките со постепено додавање на шеќерот и ванилата. Се мати додека тој да се растопи и да се добие цврст и сјаен снег. Со лажица се додаваат 100 г мелени ореви, 100 г рендано чоколадо, 1 кесичка прашок за печиво и 100 г брашно.




Смесата се излева во помал плех обложен со хартија или намастен и набрашнет и се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15-20 минути. Проверете со чепкалка дали е убаво печено. Откако ќе излади се пресекува на две кори.




За фил: Жолчките се матат со виљушка заедно со 100 г брашно, да нема грутчиња, се додаваат и 2 лажици густин и 250 мл млеко. Остатокот од млекото се загрева, па кога ќе зоврие се трга на страна, се меша со приготвената смеса и се враќа на оган уште неколку минути со непрекинато мешање додека да добие на густина.




Се трга на страна и се остава покриено целосно да олади. Пенасто се мати путерот со шеќер во прав па се соединува со изладениот крем. Путерот и кремот треба да бидат на иста собна температура, а се соединуваат со постепено додавање на кремот во путерот или обратно.

Редење: кора – ½ фил – кора – ½ фил – глазура. Ако пак, сте љубители на брзите чоколадни торти со биксвити, тогаш следниот рецепт е токму за вас, ќе ви одземе само 10 минути:




(втор рецепт) За сите обожувачи на слаткиот вкус, ова е рецепт за торта на која никој не може да и одолее. Се приготвува за само 10 минути, а постапката можете да ја погледнете во видеото под пишаниот рецепт.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г мелени бисквити, 100 г мелени ореви или лешници, 1 лажица шеќер во прав, 1 ванилин шеќер, 60-70 г растопен маргарин/путер (може уште малку ако кексите се суви), 2-3 лажици чоколадно млеко. ЗА ФИЛ: 400 мл слатка павлака, 350 г чоколадо, 100 г чоко снегулки.




ПОСТАПКА: За подлога може да употребите било каков кекс бисквити. Во подлабок сад ставете ги мелените бисквити, мелените ореви, ванилин шеќер и шеќер во прав. Промешајте убаво да се изедначат состојките, па прелијте со растопен путер и доколку сакате, може да додадете 2-3 лажици чоколадно млеко.

Убаво промешајте за да добиете ровка смеса со конзистентност на влажен песок. Нанесете ја во калап бр.24 претходно малку намастен со путер. Страниците можете да ги обложите со проѕирна фолија. Рамномерно нанесете ја смесата и нежно притиснете со лажицата, па тргнете на страна додека го приготвувате филот.

За фил: 400 мл слатка павлака ставете на оган колку да се замлачи, но не смее да зоврие. Потоа додајте го чоколадото искршено на коцки и промешајте за да се растопи и изедначи.

Кога ќе се добие мазна еднолична смеса. Додајте ги снегулките, промешајте и прелијте преку подлогата од кекси. Вака приготвениот колач оставете го во фрижидер најмалку два часа или во замрзнувач еден час.

Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте уште еден рецепт за кремасти коцки за чија подлога користите бисквити, а кремот ќе го сварите за 5 минути:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 12 лажици густин, 8 лажици шеќер, 200 г путер/маргарин, 500 мл слатка павлакa, 300 г чоколадо за готвење, петит кекси + млеко за натопување.

ПОСТАПКА: На дното од обложен калап со средна величина наредете еден или два слоја петит кекси претходно малку натопени во млеко. БЕЛ КРЕМ: Одземете 200 мл млеко, па во него промешајте 12 лажици густин, 8 лажици шеќер.

Остатокот од млекото (800 мл) ставете го на оган да зоврие. Постепено додавајте го разматениот густин и сварете го со постојано мешање додека да згусне. Оставете да излади па соединете го со пенасто изматен путер. Прелијте го преку бисквитите.

ЦРН КРЕМ: Растопете 300 г чоколадо за готвење во 500 мл слатка павлака, внимавајте да не ви зоврие. Оставете да излади околу 2 часа, па прелијте го врз белиот крем.