Направете домашно слатко од грозје по стариот рецепт на нашите баби. Доколку сте љубител на овошно слатко, овој рецепт ќе ве воодушеви.

Слаткото од грозје често го подготвувале нашите баби, а ние ви пренесуваме проверен начин на правење кој гарантира неодолив вкус, а вие сигурно ќе побарате лажица повеќе. Слаткото се приготвува брзо и едноставно.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг бело грозје, 1 кг шеќер (за поздрава верзија, можете да користите и кафеав шеќер), 150 мл вода, 3 кесички ванилин шеќер (30 г), еден лимон, лист од розетла (слаткарче) за вкус и мирис и неколку јатки од орев по желба.

Јас измерив 1300 г исчистено грозје во зрно и користев 1300 г шеќер со 200 мл вода. Лимонот претходно треба добро да се испере и да отстои во ладна вода со сода бикарбона за да се исчисти неговата кора.




ПОСТАПКА: Грозјето исчистете го од дршките, одвојте ги само убавите и цврсти зрна, добро измијте го и оставете го да отстои половина час во ладна вода. Потоа истурете ја таа вода и уште еднаш исплакнете го грозјето.




Оставете го во цедалка добро да се исцеди од вишокот вода. Во меѓувреме направете го сирупот. Во широко и длабоко тенџере во кое вообичаено го приготвувате слаткото ставете го шеќерот и додајте малку вода, колку да добиете густа шеќерна маса.




Промешајте со дрвена лажица за да се натопи сиот шеќер, а потоа тенџерето ставете го на оган.

Кога ќе зоврие додајте го ванилиниот шеќер и оставете неколку минути (околу 5 минути) да се вари додека сирупот да стане леплив, односно да се карамелизира (повремено протресувајте го тенџерето).




Тоа е знак дека треба да го ставите грозјето. Кога го додавате грозјето тоа правете го полека за да не ве испрска врелиот шербет и внимавајте грозјето да биде убаво покриено со сирупот.

За да се распореди рамномерно, протресете го тенџерето, бидејќи повеќе не смее да се користи лажицата.




Продолжете го варењето на средна/умерена температура. Задолжително отстранувајте ја пената што се формира за време на готвењето и колку можете повеќе да зафатите од семките што ќе излезат.




Слаткото за кратко време е готово, односно кога ќе започнат на површината да се создаваат големи балончиња, а кога ќе црпнете со лажицата сирупот капе, односно не тече.

На самиот крај кога слаткото е сварено или пет минути пред крајот додајте неколку тркалца лимон и лист од розетла/слаткарче.




Кога ќе ја исклучите ринглата од шпретот додајте и една или две раце крупно сечкани ореви. Кога слаткото е готово тргнете го настрана од огнот и покријте го одозгора со влажна кујнска крпа (натопете ја во ладна вода и убаво истискајте ја).




Оставете го слаткото до следниот ден додека целосно да се олади, а потоа складирајте го во тегли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.