Највкусните мини питички кои може секој да ги направи. Без долго месење на тестото, без квасец и без печење. Сè што треба да направите е да ги испржите на тавче, многу се вкусни, особено кога на младото кромитче ќе му се додаде рендан кашкавал, нема повкусен фил.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 95 мл вода, прстофат сол (1,5 г), 150 г брашно (1 шолја), 30 г зелени млади кромитчиња, 1 прстофат сода бикарбона, 50 г рендан кашкавал, 40 г брашно, 40 г пченкарен скроб, 20 г путер и малку масло за намастување на тавата.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад ставете 95 мл вода и малку сол, па промешајте со жица/маталка. Додајте 150 г брашно (1 шолја), прстофат сода бикарбона и соединете фино додека смесата да се разреди и да нема грутчиња во неа. Кога ќе се впие сета течност, замесете со рака потврдо, но компактно тесто.
Од оваа количина излегуваат 4 мини питички кои може да најадат двајца, притоа се доста заситни. Доколку ги правите за гости или за пошироко семејство, зголемете ја двојно или тројно количината на состојките.
Тестото поклопете го со фолија или во некој сад, па оставете го да одмори 10-тина минути. Потоа поделете го на четири приближно еднакви делови. Од секој дел со помош на дланките формирајте мало топче.
Топчињата покријте ги со фолија или некој сад и оставете ги да одморат. За тоа време измијте ги зелените млади кромитчиња и ситно исечкајте ги. Ќе ви бидат потребни 30 г млад кромид. Посолете со прстофат сол и промешајте. Настрана изрендајте 50 г кашкавал (може и мешано, чедар со ајдамер или нешто по ваш вкус).
Во посебен сад ставете 1/4 чаша брашно (околу 40 г) и исто толку пченкарен скроб. Оваа мешавина користете ја за да ги наросувате топчињата и да ги развлекувате со оклагија во тенки кори со дијаметар од 18 см (колку една голема плитка чинија).
Наросете ја/набрашнете ја работната површина, ставете едно топче тесто, наросете го и него одозгора, потоа малку сплескајте го со прстите за да добие овална форма, а потоа со постојано вртење на кората, развлекувајте ја со оклагијата до посакуваната големина.
Корите редете ги една врз друга и помеѓу наросувајте ги убаво со мешавината за да не се лепат една од друга. Потоа сите заедно развлечете ги во една голема кора. Неколку пати превртете ја за да го задржите кружниот облик. Треба да добиете кора со дијаметар од 28 см.
Иако ги развлекувавте сите одеднаш (една врз друга), ќе забележите дека на крај тие многу лесно се одлепуваат една од друга и на овој начин одеднаш ќе добиете четири тенки големи кори. Затоа, многу е важно добро да ги набрашните помеѓу, со мешавината од брашно и скроб.
Растопете 20 г путер (во микробранова се доволни 15 секунди), па секоја од четирите кори добро намастете ја со помош на кујнска четка, а одозгора наросете малку од сечканиот млад кромид. Одозгора наросете и малку рендан кашкавал.
Потоа следува диплењето на корите: Поклопете ја едната страна до замислена средишна линија, а потоа и другата страна, преку неа, како што е прикажано во видеото, премачкајте ја површината со путер, а потоа кога ќе добиете долгнавест правоаголник, поклопете го едната страна до половина, па преклопете преку неа и од другата страна, така што на крај ќе добиете „спакуван“ квадрат/правоаголник.
Питичката можете да ја „спакувате“ и поинаку, по ваш избор, а неколку идеи се дадени во видеото. За кој начин и да се одлучите, нема да погрешите. Во нелеплива тава загрејте малку масло, па ставете ги „спакуваните“ питички да се пржат. Со помош на кујнска четка премачкајте ги и одозгора со загреаното масло.
Температурата треба да биде умерена. Пржете ги по две минути од двете страни додека убаво да заруменат. Превртете ги неколку пати додека да бидете сигурни дека доволно се испечени. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.