Нема ништо поубаво во овие есенски денови од топол оброк „на лажица“. Порано веселбите и свадбите беа незамисливи без послужување бела супа после „мезето“, па дури и пред сармата, а речиси секогаш пред печеното месо.

 




Со текот на времето, ова вкусно и заситно јадење се „пресели“ во рестораните чии готвачи внимателно го чуваа рецептот за подготовка на едно од највкусните јадења кое се послужува во длабока чинија и се јаде со лажица.




Тајната на подготовката не се состои само во состојките, туку и во малку подолгото готвење на „тивок оган“ и додатоците кои на белата чорба и даваат посебен вкус. Дури и кога ќе се послужеше на маса покриена со кариран чаршав, искуството беше навистина уникатно.




Како што модерните ресторани и кафулиња почнаа да ги „потиснуваат“ класичните таверни, во нашата земја има сè помалку места каде што можете да јадете вистинска кафеанска бела чорба. Ви пренесуваме рецепт кој ќе ве врати во времето кога во рестораните ширум нашата земја редовно се послужуваше кафеанската бела чорба. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 главици кромид, 3 моркови со средна величина, 3 компири, 400 г пилешко бело месо, 1 лажица брашно, сол, црн пипер во прав, сув зеленчуков зачин (вегета), 3 жолчки, 180 мл кисела павлака, 2 супени лажици сок од лимон, ловоров лист.




ПОСТАПКА: Кромидот исечкајте го на ситни коцкички и ставете го да се пропржи на малку масло. Пржете го наколку минути на умерена температура додека да омекне и да застакли. Белото пилешко месо исечкајте го на коцки, па додајте го во кромидот.




Врз месото наросете малку брашно, па продолжете со динстањето. По пет минути, започнете постепено да додавате вода. Потоа додајте ситно сечкани или рендани моркови, малку ситно сечкан магдонос и компирите кои претходно сте ги исчистиле и исечкале на ситни парчиња.




Посолете, запиперете и додајте сув зачин по вкус, па налејтеуште малку вода и продолжете со варењето на „тивок“ оган. На оваа количина состојки ќе биде доволно да се додадат два литра вода.




Повремено мешајте ја чорбата. По околу еден час, чорбата ќе биде готова. Тргнете го тенџерето од шпорет, а потоа постепено додајте ги изматените жолчки со кисела павлака, непрекинато мешајќи.




Убаво промешајте ја супата уште неколку пати, за да може мешавината од павлака и жолчки да се соедини со останатите состојки. Ако сакате чорбата да има повеќе кисел вкус, на крајот додајте сок од лимон и повторно промешајте. При сервирањето ситно исечкајте еден лист свеж магдонос, па наросете го на средината на чинијата.