Есента е периодот кога се приготвуваат разни зимници со цел да се сочуваат витамините и минералите на плодовите кои раскошно ни ги дава преку летото. Исто така, се приготвуваат и разни сокови кои може да бидат густи, бистри или на растворање, како сирупи.

Ова е основната верзија за сокот кој со години го приготвувам, а овошјето го менувам во зависност од сезоната. Како зреат плодовите во различен период, така јас рпиготвувам по неколку шишиња, за да имаме преку цела година разновидни напитоци.




Го имам комбинирано со кајсии, праски, круши, дуњи и друго овошје, и секојпат излегува успешно. Секој различен сок си е вкусен сам по себе, но она што е заедничко за сите нив е дека многу потсетуваат на скапите сокови на Фруктал.

Сепак, ова се домашни сокови и содржат природни бои, мириси и ароми, не содржат конзерванси, а имаат долг рок на траење, па уште ако се приготват од домашно непрскано овошје, знаете дека сте приготвиле навистина здрав напиток.




Како и во исте рецепти, така и во овој се содржи шеќер кој служи не само за зголемување на блажината, туку и како природен конзерванс. Кој не сака да користи шеќер, истиот може да го замени со стевија, ксилитол или некој друг засладувач по избор. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: Околу 5 кг исчистени и излупени јаболка (или овошје по ваша желба или комбинирано), 500 г – 1 кг моркови (морков ставам само кога правам сок од јаболка, круши или дуњи, поради бојата),1,5 кг шеќер (кој не сака нека стави замена, како стевија на пример), лимонска киселина (или лимонов сок), вода




ПОСТАПКА: Овошјето исчистете го и исечкајте го на помалин парчиња, па ставете го со вода на тивок оган да се вари. Истото направете го и со морковот. Јас морковот го готвам посебно, бидејќи е потврд и потребно е малку подолго да се готви од другото овошје.




Кога се варени јаболката и морковите, оставете ги да се оладат. Можете да додадете ладна вода за побрзо да изладат. Потоа измиксајте ги во блендер, а јас користам соковник зашто ми го прави сокот мазен како купечкиот.




Измерете колку сте добиле течност (овошјето и водата во кое се готвеше), па додајте онолку вода колку што е потребно за да добиете околу 19-20 литри сок. Додајте 1,5 кг шеќер и околу 80 г лимонска киселина. Мешајте и пробајте дали ви одговара на вашиот вкус, бидејќи секое овошје не е еднакво кисело, ниту слатко.




Ставете на оган, колку еден „клуч“ да се направи и да се растопи шеќерот, а пената не мора да ја тргате. Во меѓувреме измијте ги шишињата, стерилизирајте ги во топла рерна и спремете си соодветни чепови со кои убаво ќе се затворат шишињата.

Топлиот сок складирајте го во топли шишиња (најдобро е шишињата при полнењето да бидат обвиткани во ткаенина), затворете ги добро и оставете ги затоплени додека целосно да се оладат. Овој сок иако нема многу шеќер (на 20 литри не е многу 1,5 кг шеќер) и нема конзерванси, сепак може да се сочува со месеци.




Сигурно дека најздрав е свежиот сок кој ќе го исцедите пред да го испиете, но и овој сок содржи многу хранливи материи и особено го сакаат децата, зашто во секој миг си имаат готов да си стават во чаша и да си пијат. Многу е вкусен.