Подготовката на традиционална зимница, иако на многумина им причинува задоволство, бара многу време, пари и вештини. Затоа домаќинките кои немаат услови да ги подготват овие специјалитети често купуваат готови производи.




Иако денес достапноста до готови јадења ни го олеснува животот, ништо не може да се спореди со домашно зготвеното и домашната зимница. Од кој било зеленчук можете да направите зимска салата.

Едноставно исечкајте го зеленчукот и ставете го во тегла, додајте оцет, сол, шеќер и вода и многу брзо ќе добиете многу вкусна зимска салата. Можете да додадете билки, семки и на тој начин да добиете сосема нови, уникатни вкусови на кои никој нема да може да им одолее. Ви предлагаме неколку многу вкусни и брзи рецепти за зимската сезона.




1.Кисела зелка за 48 часа

За да имате вкусна кисела зелка, не е потребно да ја подготвувате на традиционален начин, особено ако немате услови или време за тоа. Доволно е да се исчистат и издлабат главиците зелка од тврдиот дел.




Во шуплината истурете мал филџан оцет и една лажица сол, па протресете ја добро зелката за рамномерно да се распоредат состојките. Вака подготвената зелка ставете ја во кеса која потоа ќе ја чувате во замрзнувач 48 часа. Кога ќе ја извадите и одмрзнете, ќе добиете кисела зелка.




2.Сушени домати во маслиново масло

Потребни ви се: 2 кг домати (по желба), лук, босилек, рузмарин (свеж или сушен), екстра девствено маслиново масло, сол, црн пипер, ловоров лист, свежа мајчина душица по желба

Изберете домати со приближно иста големина за да се исушат рамномерно. Загрејте ја рерната на 100-120 Целзиусови степени. Измијте ги и исушете ги доматите, избришете ги со кујнска крпа или хартиена салветка.

Плехот обложете го со хартија за печење. Доматите исечкајте ги на половинки или четвртинки, извадете го од нив влажниот дел со семете, посолете ги и оставете ги превртени врз решетка или цедалка барем половина час. Потоа наредете ги во плехот свртени нагоре, да не се допираат.




Зачинете со црн пипер и малку шеќер (сол ставивте претходно), ситно сечкан лук, билки и малку маслиново масло. Ставете ги доматите во рерна да се сушат околу 3-4 часа на 120 степени или на 90-100 степени со вентилатор, додека да се свиткаат на краевите и да се намалат за третина.

Повремено отворајте ја вратничката за да излегува влагата и вртете го плехот за 90 степени. Потоа исклучете ја и оставете ги доматите да се изладат. За да проверите дали се суви земете едно парче, свиткајте го кон надвор, па доколку „месото е суво“ како кај сувото грозје, тогаш се готови.

Во стерилизирани тегли ставете рузмарин, изладените домати и по 3 излупени чешниња лук. Додајте еден ловоров лист, свежи листови босилек, свежа мајчина душица и на крајот прелијте со екстра девственото маслиново масло до врвот на теглата.

Затворете и чувајте во фрижидер. За да им го продолжите рокот и да ги чувате надвор од фрижидер: затворените тегли пастеризирајте ги 30 минути во рерна на 100 степени. Теглите оставете ги да се оладат во рерната.




3.Салата со печурки и кисела зелка

За оваа необична и вкусна салата потребни ви се: 600 г кисела зелка, 400 гр кисели краставици, 300 г печурки, 100 г кромид, 100 г масло, 30 г шеќер

Испечете ги печурките (или издинстајте ги). Киселите краставички исечете ги на тенки парчиња со големина по желба, измешајте ги со сечканата зелка, ситно сечканиот кромид и исечканите печурки. Зачинете со масло и шеќер. Се ​​чува во стаклени тегли, на темно и ладно место.




4.Кисела тиквичка

За љубителите на овој зеленчук, добрата вест е што можете да го конcyмирате и вон сезона. Секако, подготвена како вкусна зимска закуска. Потребно е: 1 кг млади тиквички, 200 г кромид, 600 мл јаболков оцет, 500 мл вода, 150 г шеќер, 4 лажици сол, една лажичка синап за секоја тегла, ловоров лист, црн пипер, сува слатка пиперка, чили пиперчиња по вкус.

Сварете оцет, вода, шеќер и сол. Исечете ги тиквичките на ленти, коцки или прстени. Исечете го кромидот. Кога водата ќе зоврие, додајте мала количина сечкани тиквички и поклопете. Смесата од вода и оцет потоа ќе се смири, а тиквичките се готови кога повторно ќе зоврие.

Извадете ги со решеткаста лажица, па ставете нова тура. Повторете ја постапката додека да ја искористите целата количина. Повторете го процесот со сувата пиперка исечкана на парчиња.

Во теглите кои убаво сте ги измиле и исушиле, и сте ги ставиле во рерна околу 20 минути на 100 степени, ставете по една лажица синап, една лажица црн пипер во зрно, 2 ловорови листови и пиперка. Врз тоа ставете ги тиквичките и прелијте ги со смесата од вода и оцет. Веднаш цврсто затворете ги теглите. По желба можете да додадете босилек, рузмарин.

5.Кисел лук

Овој ароматичен додаток во јадењата можете да го користите и како салата. Потребно е: шолја бел вински оцет, лажичка сол, половина лажичка шеќер, мајчина душица, неколку зрна црн пипер, излупени чешниња лук, зачини по желба

Во помал сад загрејте ги оцетот, шеќерот и солта, па оставете да зоврие, додајте ги зачините и додека е жешко, прелијте ги чешнињата лук што сте ги спакувале цврсто во претходно стерилизирана тегла. Теглата добро затворете ја и чувајте ја на собна температура до два месеци.

6.Салата од цвекло, морков и јаболка

Оваа салата ја враќа виталноста, содржи витамини кои го отстрануваат заморот, го подигнуваат имунитетот, ја подобруваат кpвната слика и ја враќаат енергијата. Потребни ви се: 4 цвекло, 4 моркови, 3 јаболка, 1 целер, 1 цел лимон, сок од 2 лимони, 6 лажици мед

Цвеклото, јаболката и целерот излупете ги, морковот изрендајте го, лимонот измијте го и сè ситно издробете или изрендајте. Додајте го сокот од 2 лимони и медот и сè добро измешајте. После тоа, се става во тегли и се чува на ладно место, по можност во фрижидер. Земете една голема лажица од оваа смеса три пати на ден, половина час пред јадење.