Додека го печете овој колач со јаболка и ореви, од кујната се шири прекрасен и неодолив мирис. Се приготвува многу брзо и едноставно. Сите состојки се мешаат во еден сад, а не ви ни треба миксер, смесата можете да ја измешате со виљушка или жица маталка.

Откако ќе се испече колачот оставете го да олади, а потоа прелијте го со топлиот сируп. Колачот е сочен и многу вкусен, се топи во уста. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 200 г шеќер, 200 мл млеко, 50 мл масло, 200 г гриз, 3 супени лажици брашно, 1 големо рендано јаболко, 1 шолја (од 200 мл) мелени ореви, 1 кесичка прашок за пециво (10 г), 1 кесичка ванилин шеќер (10 г). ЗА СИРУП: 400 мл вода, 4 лажици шеќер, 1 кесичка ванилин шеќер (10 г)




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад изматете ги јајцата со виљушка ии жица маталка, па додајте 200 мл млеко и 50 мл масло за готвење. Изматете повторно за да се изедначи смесата, а потоа додајте 200 г шеќер.




Добро изматете додека шеќерот да започне да се растопува. Следно додајте 200 г гриз, 3 лажици брашно, 1 кесичка прашок за печиво и 1 кесичка ванилин шеќер. Повторно изматете додека сувите состојки да се впијат во течната смеса и да добиете хомогено, течно тесто без грутчиња.




Во оваа смеса додајте едно рендано јаболко (излупете го и изрендајте го на крупната страна од рендето), па промешајте за да се распореди. Најпосле додајте една шолја мелени ореви и изедначете ја смесата.




Земете еден калап со средна величина или плех со димензии 20х30 см и намастете го, а потоа и набрашнете го (вишокот брашно истресете го). Излејте ја смесата, израмнете, малку протресете го плехот за рамномерно да се распореди смесата, па ставете да се пече во претходно загреана рерна на 220-200 степени.




Печете околу половина час или додека да зарумени. Печениот колач оставете го настрана убаво да олади, па дури потоа пригответе го сирупот. Во едно тенџере ставете 400 мл вода, па додајте 4 супени лажици шеќер и една кесичка ванилин шеќер.




Откако ќе зоврие сирупот варете го 15 минути. Ладниот колач полека прелијте го со топлиот сируп и веднаш потоа исечете го на коцки (може да го исечете и пред залевањето). Одозгора наросете го со малку мелени ореви за декорација.

Оставете да се олади и да го впие сирупот, па послужете го добро изладен. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.