Морковот е крцкав, вкусен и многу хранлив зеленчук. Морковот е особено добар извор на бета каротен, влакна, витамин К1, калиум и антиоксиданти. Исто така, има бројни здравствени придобивки. Тоа е храна која помага во cлабеење и е поврзана со пониски нивоа на холестерол и подобрување на здравјето на очите.
Морковот се состои од околу 10% јаглехидрати, составен од скроб, влакна и едноставни шеќери. Тие содржат исклучително малку масти и протеини. Овој портокалов корен е одличен извор на витамин А во форма на бета каротен. Исто така, претставува добар извор на неколку витамини од групата Б, како и витамин К и калиум.
Оваа зима подгответе си зимница со моркови која ќе ја имате секогаш на дофат. На овој начин, морковот секогаш ќе ви биде подготвен и спремен за конcyмирање. Иако, морковите може да се најдат кај нас преку цела година, со оваа зимница- моркови во масло ќе имате секогаш готови да ги послужите како салата или гарнир.
Покрај класичната употреба на морковите во кујна, со вака подготвени моркови имам уште опции во приготвување и сервирање јадења, варени во блага смеса од вино и оцет, благо зачинети. Еве што ви е потребно за да ги подготвите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2,5 кг моркови (измиени, исчистени и исечени), 1 литар бело вино, 1 литар бел вински оцет, 4 грама сол, 1 китка магдонос, 1 лажица зрна црн пипер, сончогледово масло по потреба.
ПОСТАПКА: Морковите измијте ги под млаз ладна вода и излупете ги од тенката надворешна лушпа. Потоа исечете ги на подебели кругови, со дебелина од половина сантиметар. Во едно поголемо тенџере ставете 1 литар бело вино и 1 литар бел вински оцет.
Промешајте, па додајте 4 грама сол. Ставете дел од морковите да се „варат“ во киселата смеса. Варете ги во повеќе направати а не сите одеднаш. Од почетокот на вриење, оставете ги да се варат 3 минути, па со решеткаста лажица префрлете ги во сад со цедалка. Ставете ја новата „тура“ моркови, почекајте да зоврие течноста, па после 3 минути извадете ги во цедалката.
Исцедените моркови наредете ги на кујнска крпа, едно до друго, да не се преклопуваат. Одозгора покријте ги со уште една крпа и оставете ги да отстојат 1-2 часа. За тоа време, спремете си неколку тегли (пастеризирајте ги) и подгответе си здрави и нови капаци за нив.
По изминатото време, морковите префрлете ги во подлабок сад. Настрана ситно исечкајте 1 китка магдонос и додајте ја во морковите. Додајте и неколку зрна црн пипер и убаво соединете. Теглите полнете ги до врвот со вака подготвените моркови, со благо притискање.
Кога ќе ги исполните теглите, одозгора прелијте со сончогледово масло до врвот (или некое друго масло по ваша желба). Затворете ги добро теглите со нивните соодветни капаци и подгответе ги за пастеризација.
За пастеризација: Во тенџере кое на дното е обложено со крпа, наредете ги теглите и залијте млака вода (да не стигнува до капаците на теглите). Ставете на рингла и оставете водата да зоврие, а потоа температурата малку намалете ја, колку „да струи“ уште 25 минути. Теглите оставете ги да се оладат во тенџерето, а потоа складирајте ги на ладно и темно место. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.