Запишете си го рецептот на Валентина за највкусното полнето печиво. Печивата се многу познати во нашите краишта особено кога се полнети со фил од кашкавал, шунка, сирење, маслинки… и секогаш се изедуваат за многу кратко време.

Иако на некои домаќинки, процесот на подготовка на печива им изгледа макотрпен и долг, всушност постојат некои трикови кои го олеснуваат процесот и можат да се подготват за кратко време. Валентина ја сподели тајната за нејзините вкусни печива која може да ја прочитате подолу во рецептот.

„Верувам дека рецептот ќе ви се допадне и ќе го подготвите. Јас малку го изменив начинот на подготовка и го прилагодив според домашните услови (оригиналниот рецепт е турски) бидејќи ретко кој дома има пекара и останата пекарска опрема.“




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600-700 г брашно, 1 лажичка шеќер, 2 лажички сол, 30 г квасец, 1 белка (жолчката се чува за премачкување), 50 мл масло, 250-300 мл вода, 250 г маргарин/путер за премачкување. ЗА ФИЛ: 1-2 домати, 200 г колбас или некое сувомеснато по ваш избор, 200 г сирење/кашкавал.




ПОСТАПКА: Најпрво се започнува со подготовка на тестото на класичен начин. Во еден подлабок сад ставете 600 г брашно, а кога ќе го замесувате тестото, додавајте си по потреба. Отприлика ќе ви биде потребно уште 100 г брашно.




Во средина на брашното направете вдлабнатина во која треба да ставите 1 лажичка шеќер. Потоа додајте 30-40 г квасец и 1 белка. Малку промешајте, па додајте 50 мл масло, 2 лажички сол и 250-300 мл вода (додавајте ја постепено). Водата треба да биде на собна температура.




Замесете фино и меко тесто со помош на раце. Замесете фино тесто со средна цврстина. Важно е тестото да не се лепи за подлогата на која го замесивте. По потреба додавајте брашно. Замесеното тесто поделете го на 6 еднакви делови и секој дел формирајте го во поголемо топче.




Вака подготвените топчиња наредете ги во поголема чинија, покријте ги тестата со проѕирна фолија и кујнска крпа и оставете да отстојат 10-15 минути за тестото малку да се одмори. По изминатото време, извадете едно од тестата, а другите оставете ги под фолија за да не се сушат.

Секое тесто развлечете го со оклагија, колку можете повеќе во форма на круг. Тестото не мора да биде премногу тенко, но сепак треба да биде големо. Кората наросете ја со малку брашно, па здиплете ја и тргнете ја настрана. На ист начин подгответе ги и останатите кори.

Кога ќе ги подготвите сите кори, ги одделувате како првично што ги развлековте. Секоја кора премачкајте ја со растопен путер/маргарин или обично масло. Убаво премачкајте ја првата кора. Одозгора ставете ја втората кора и повторно намастете. На идентичен начин подгответе ги и останатите кори (погледни видео).

На последната кора наросете малку брашно, пред да ја премачкате со масло. Вака премачканата кора завиткајте ја во тенок и долг ролат кој треба да има подеднаква дебелина. Ролатот поделете го на половина, па потоа секој дел повторно се дели на уште една половина. Потоа од секоја половина се дели уште на два еднакви делови.

Секое делче разлечете го во круг со пречник од 10 см. Кога ќе ги развлечете сите 12 теста, филувајте по ваш вкус, се става само на едната страна од тестото. Јас ставив домат, кашкавал и мало парче сувомеснато.

Потоа печивата се преклопуваат на половина како панцерота, а за тестото да изгледа декоративно, може да ги пресечете краевите каде што се лепат. На ист начин подгответе ги и останатите теста и редете ги во плех, обложен со хартија за печење.

Печивата се премачкуваат со една жолчка и по желба може да ги наросите со семки по ваш избор. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, околу 20 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.