Ова е еден од омилените домашни колачи начерени „чупавци“, не само поради нивниот неодолив вкус, туку и поради леснотијата со која се приготвуваат. Патем, состојките во рецептот се мерат со лажица.
„Кај нас чупавците се јадат со брзина на светлината, ги подготвувам со години, на најразлични начини, полнети, празни, со различни кремови, а имам и посна верзија за деновите кога се пости.
Според мене, овие посните, и едни други кои се приготвуваат со јогурт, ми се омилени и многу често ги приготвувам. Особено се најубави следниот ден кога колачот убаво ќе се натопи од чоколадото. Тогаш се најсочни. Ги чувам во пластична кутија со капак. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 30 лажици брашно, 20 лажици шеќер, 25 лажици масло, 35 лажици вода, 1 1/2 прашок за печиво, 200 г кокос, 50 г какао, 50 г посно чоколадо, 100 мл вода, 200 г маргарин, 150 г шеќер (за глазурата).
ПОСТАПКА: Во еден поголем сад ставете 20 супени лажици шеќер. Настрана измешајте го брашното со прашокот за печиво. Измешајте малку со жица/маталка. Во смесата прво додајте 25 лажици масло и 35 лажици вода, па на крајот додајте го брашното.
Изматете ја смесата со миксер до формирање на еднолична смеса без грутки. Земете еден правоаголен плех со средна величина и набрашнете го на дното и од страните со брашно. Излејте ја смесата која треба да биде нешто погуста од онаа за палачинки, но доста слична и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-тина минути.
Проверете со чепкалка дали е доволно испечено, кората треба малку да зарумени. По печењето колачот се остава добро да се излади, а во меѓвреме се подготвува глазурата.
За глазура: Во едно тенџере измешајте го какаото и шеќерот во 100 мл вода. Кога сите состојки убаво ќе се соединат и смесата малку ќе се загрее, додајте го чоколадото и маргаринот, па мешајте и гответе додека состојките да се изедначат во мазна и сјајна чоколадна глазура.
Изладената кора пресечете ја на помали коцки и извадете ги на плех. Во подготвената чоколадна глазура која е малку изладена потопувајте едно по едно колаче и ставете го да се цеди на хартија. Вака кратко натопувајте ги сите колачи.
Потоа коцките наросете ги или цели валајте ги во кокос и редете ги на чинија за послужување. Прочитајте го и вториот рецепт за омилените „чупавци“, па одберете кој рецепт повеќе ви се допаѓа:
(втор рецепт- Чупавци со јогурт) Потребни состојки: 3 поголеми јајца, 1 ½ чаша шеќер, 1 ванилин шеќер, ½ чаша масло, 2 чаши брашно, ½ прашок за печиво, 1 чаша јогурт. За мерење се користи една чаша од 200 мл.
За натопување: 200 г чоколадо за готвење, 150 мл млеко, 1 ванилин шеќер, 2-3 лажици шеќер во прав, 50 г путер или маргарин и 1 кесичка кокос за валкање на чупавците
Постапка: Јајцата, ванилин шеќерот и шеќерот добро пенасто изматете ги со миксер. Додајте масло. Повторно малку со миксер изматете, па додајте просеано брашно измешано со половина прашок за печиво.
Миксајте на најмала брзина со миксерот или со рачна маталка, па на крај додајте јогурт и повторно лесно соединете. Смесата излејте ја во намастен и набрашнет калап со средна величина и печете додека бисквитот да зарумени во претходно загреана рерна на 180 степени.
Чоколадото растопете го на пареа, додајте ванилин шеќер, шеќер во прав, масло и млеко. Сето тоа добро промешајте го на пареа додека да се претвори во еднолична смеса. Готовиот и изладен колач исечете го на коцки. Секоја натопете ја во смесата од чоколадо, па во кокос, оставете добро да излади. / Сoolinarka.com