Многу вкусна торта со пишкоти која се прави неверојатно лесно. Оваа торта ѝ е омилена на мајка ми и таа често на шала вели: ,,Се прави толку лесно, што и дете може да ја направи”. Нема печење, па кога ви треба десерт набрзина, ова е вистинскиот рецепт за вас.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 литар млеко, 5 лажици кристал шеќер, 6 лажици сенаменско бело брашно (тип 400), 1 голема лажица густин, 100 г бело чоколадо, 3 лажици какао, 200 г пишкоти, 1 лажичка инстант кафе и малку рум.
ПОСТАПКА: Во едно тенџере сипајте 1 литар млеко, па веднаш додајте 5 рамни лажици кристал шеќер и 6 лажици сенаменско бело брашно. Потоа додајте 1 или 2 големи лажици густин (скроб) и ставете го тенџерето на рингла.
Варете на умерена температура додека млекото да почне да зоврива, а потоа и да се згуснува како пудинг. Кога ќе ја добие идеалната конзистентност, може да тргнете од рингла и да додадете 100 г бело чоколадо. Измешајте додека целото чоколадо да се растопи во кремот.
Настрана направете мешавина од малку млеко на собна температура, измешано со 1 лажичка инстант кафе (најдобро нескафе) и малку рум за убава арома. Потоа земете еден сад или калап каде што ќе ја правите тортата.
Земете 200 г пишкоти и започнете да ги натопувате во мешавината која претходно ја направивте со млеко, кафе и рум. Наредете еден ред во калапот и садот (кршете ги пишкотите на помали парчиња, додека да го исполните целиот сад.
Значи долу, јас ставам отприлика 100 г пишкоти, потоа се прелива со половина од белиот крем кој го подготвивте (нека биде малку изладен, да не е врел) па се реди уште 100 г пишкоти одозгора по истиот редослед.
Во преостанатата мешавина од кремот, додајте 3 лажици какао, за да биде чоколадна и убаво соединете. Прелијте одозгора врз вториот ред пишкоти и убаво измазнете ја површината, па декорирајте по желба со чоколадни трошки или нешто по ваш избор (може да биде и овошно).
Тортата е најдобро да отстои неколку часа во фрижидер пред да ја послужите за убаво да се стегне кремот и да не се распаѓа. Од оваа торта, има слична верзија и со бисквити, но според мој вкус, со пишкоти е многу поубава. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.