Пробајте го рецептот на Бојана за оваа прекрасна ванила торта која се приготвува за 30 минути. Потребни ви се какао, шеќер, џем, малку масло и пудинг за да ја направите. Оваа торта се приготвува без јајца, а подолу можете да ја погледнете и видео презентацијата за детална постапка.
Оваа торта ќе ве освои со првиот залак. Може да ја направите за некоја прослава како роденден, слава, именден, но и на обичен ден може да се засладите со нешто многу вкусно и убаво. Нема да згрешите со овој класичен рецепт. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРИ: 250 г брашно – сенаменско тип 400, 2 лажички сода бикарбона, 2 лажици какао, 160 г кристал шеќер, 2 кесички ванилин шеќер, 4 лажици џем од сливи (или некој по ваш избор), 3 лажици масло, 500 мл млеко.
ЗА КРЕМОТ: 500 мл млеко, 2 пудинзи од ванила, 120 г шеќер, 40 г бело чоколадо, 2 ванилин шеќери. Во изладениот фил додајте 200 г путер. Постапката проследете ја во продолжение:
ПОСТАПКА: Подготовката на корите е многу едноставна. Само измешајте ги состојките по наведениот редослед, а потоа поделете, излејте и ставете на печење. Во еден подлабок сад ставете 250 г сенаменско брашно, додајте 2 лажички сода бикарбона (можете и прашок за печиво, како супституција).
Додајте 2 лажици какао, па потоа 160 г кристал шеќер, заедно со 2 кесички ванилин шеќер. Измешајте ги сувите состојки со жица/маталка, за убаво да се соединат. Во смесата се додава 4 лажици џем од сливи (најубаво оди со овој џем, но може да ставите каков и да имате).
Соединете, па додајте 3 лажици масло. Потоа преминете на матење на смесата со миксер, постепено додавајќи вкупно половина литар млеко. Со додавање на млекото, ќе се разредат грутчињата, а смесата треба да излезе како течен крем.
Целата смеса се поделува на 4 еднакви делови. Во калап со стандардна големина се пече една по една кора, на хартија за печење. Бидете претпазливи со одбирање на големината на калапот за печење. Кората треба да излезе потенка, а кремот кој потоа се премачкува да биде во подебел слој.
Секоја кора се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 8 минути. Потоа, корите се оставаат целосно да се оладат, додека го подготвувате кремот: Одземете малку од количината на половина литар млеко и измешајте со кесичките од пудинг од ванила.
Остатокот од млекото ставете да зоврие во тенџере на рингла со 120 г шеќер и 2 кесички ванилин шеќер. Кога млекото ќе зоврие, додајте ги пудинзите и со повремено мешање гответе додека да се формира крем со стандардна густина (пудинг).
Во пудингот додајте го белото чоколадо и измешајте додека да се растопи. Кремот се остава да се олади, па потоа се почнува со премачкување. Кремот се дели на 4 еднакви делови.
Редење: кора, крем, кора, крем, кора, крем, кора, крем. На последната кора не се премачкува од кремот, само се измазнува од страните. Тортата се остава убаво да се стегне, па потоа се послужува на мали коцки. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.