Со овој колач ослабев додека бев на диета. На вкус не се забележува дека нема млеко и јајца, ќе мислите е направен по сите стандардни процедури. Од неколку состојки кои ќе ве чинат минимална сума од 120 денари може да направите 2 големи колачи.




Рецептот оди во поголема количина за да се добијат 2 големи колачи, а доколку сакате колачот да го направите помал, намалете ја количината на состојките на половина. Тоа ќе ве чини само 60 денари. Многу вкусно, едноставно и лесно.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА 2 КОЛАЧИ: 300 мл газирана вода, 150 мл масло, 300 г шеќер, 600 г брашно, малку рендана кора од портокал, 1 кесичка прашок за печиво, 1 мала лажица ванилин екстракт или 1 кесичка ванилин шеќер. И УШТЕ: 2 лажици какао и 2 лажици мармалад/џем/јаткасти плодови/суво овошје.




ПОСТАПКА: За овој колач не е потребно никакво посебно спремање на состојките, ниту долго да седите во кујна. Сите состојки само се мешаат и колачот се излева во 2 алуминиумски (лимени) садови и се става на печење. Не треба да валкате ниту многу садови.




Детално постапката изледа вака: во подлабок сад ставете ја газираната вода и додајте го маслото. Потоа ставете го шеќерот и со жица/маталка промешајте додека тој да се растопи во течноста. По неколку минути додајте го белото брашно, измешано со прашокот за печиво.




Сега смесата ќе стане малку погуста, а тоа се должи на поголемата количина брашно. Измешајте убаво со маталката за да не останат грутчиња во смесата. Таа треба да изгледа густа, но сепак добро соединета со сите состојки.




Во смесата изрендајте малку кора од портокал, доколку е органска може директно да ја додадете, но ако не е, претходно истретирајте ја со сода бикарбона. На крајот додајте го само екстрактот од ванила и ванилиниот шеќер и сè убаво соединете.




Алуминиумските садови премачкајте ги со масло на дното и по страните, а потоа набрашнете ги. Излејте ја смесата прво во едниот сад, па во другиот до половина, а 1/3 зачувајте настрана. Во останатиот дел измешајте 2 лажици какао и 2 лажици џем/мармалад/јаткасти плодови или суво овошје по ваш избор.




Чоколадната смеса поделете ја на половина и излејте ја во двата садови. Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени. Колачот се пече малку подолго време, околу 55 минути, но сепак проверувајте го. Има преубава цитрусна арома. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.