Овие погачици можете да ги направите кога ќе посакате и колку ќе посакате. Брзо се прават, а постапката за приготвување е многу едноставна. Се ставаат сите состојки во еден сад и се замесува тесто кое нема потреба да се остава да ферментира, бидејќи не содржи квасец.
Потоа правите топчиња и ги полните со кашкавал или сирење, а еднаш ги испробав и со мелено месо, многу беа вкусни. Испробајте го и вие рецептот на Маца Ничевска објавен во групата НМД рецепти, нема да се покаете. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 јајце, 100 мл јогурт, 100 мл масло за готвење, 40 г путер или маргарин омекнат на собна температура, 1 мала лажичка сол, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 380 г брашно. Од оваа количина излегува еден плех, а по потреба зголемете ги соодветно количините.
ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ги сите потребни состојки за да ви бидат отстојни на собна температура. Во еден подлабок сад скршете го јајцето, па додајте половина чаша јогурт (100 мл) и исто толку масло за готвење.
Потоа додајте 40 г путер или маргарин претходно исечкан на коцки и омекнат, една мала лажиќка сол, 380 г брашно и една кесичка прашок за печиво. Ова тесто е најдобро да го замесите со рака или со миксер кој има специјални продолжетоци за месење тесто.
Брзо и лесно се соединуваат состојките, а поради путерот тоа е доста компактно и мазно. Откако ќе го замесите може да го оставите 10-тина минути во фрижидер да се олади, но можете и веднаш да почнете со подготвување на погачиците.
Намастете ги малку дланките и кинете од тестото. Формирајте топчиња со големина на пинг понг топче, а потоа спласкувајте ги како да правите плескавица. Кога ќе ја формирате тенката кора, ставете една лажичка рендан кашкавал (или фил по ваш избор) и затворете.
Тестото лесно се лепи, па со прстите убаво притиснете ги краевите за да не излегува филот и обликувајте ја погачицата. Погачицата од едната страна притиснете ја врз сусам за да се налепи на површината, па ставете ја во плех обложен со хартија за печење.
По желба, одозгора погачиците можете да ги засечете со две-три коси линии за да добијат уште подекоративен изглед, па ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути или додека да заруменат. Деталите погледнете ги во видеото ОВДЕ.