Кога сакате брза, вкусна и здрава закуска без брашно, сетет се на овој рецепт. Потребно е само да ги изрендате тиквичките, да ги помешате со неколку состојки и да ги испечете. Ќе добиете многу вкусни солени стапчиња, налик фурнаринките, но без брашно. Еве што ви е потребно:

 




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 млади тиквички со средна величина, 1 јајце, 200+100 г моцарела или кашкавал по ваш избор, 1 рака ситно рендан пармезан (дава одличен вкус и арома), 1 чешне лукче (кој сака може и повеќе), сол по вкус




ПОСТАПКА: Тиквичките добро измијте ги, отстранете им ги дршките, а потоа изрендајте ги на крупната страна од рендето. Посолете ги, добро измешајте ги и истискајте ги со рака за да го испуштат сокот. Оставете ги во цедалката додека ги приготвувате другите состојки.




Изрендајте го кашкавалот (200 г) исто како и тиквичките, па ставете го во еден подлабок сад. Додајте ги исцедените тиквички, едно јајце, една рака ситно рендан пармезан и едно чешне лук истиснато низ преса или ситно исечкано/изрендано.




Состојките можете да ги измешате и со лажица или виљушка, но јас преферирам да ги мешам со рака – највредната алатка во кујната. Потребно е добро да се измеша за да се распоредат сите состојки рамномерно.




Плехот од рерна обложете го со хартија за печење (може да користите и плех со средна величина или тепсија, па да сечете триаголници), а потоа целата смеса истурете ја внатре. Внимателно со раката распоредете ја подеднакво на сите страни и израмнете ја површината.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 25 минути. Кога ќе започне малку да заруменува одозгора извадете го плехот и одозгора наросете рендан или ситно сечкан кашкавал, околу 100 г.




Вратете да се допече во топлата рерна уште 10 минути на 200 степени, колку да се растопи кашкавалот и малку да се потпече. Потоа извадете ја кората од рерна, оставете малку да подизлади, па сечете стапчиња или плочки по желба. Деталите погледнете ги ОВДЕ.