Сочен ролат со вишни и пудинг од ванила, толку едноставен, а е превкусен. Може да го направите во кое било време, да го комбинирате со млеко за појадок или да го јадете после ручек како десерт.
Јас многу често го подготвувам, а верувајте на домашните никогаш не им е доста, го јадат за 10 минути. Навистина е превкусен со извонредно шарен изглед, вреди да го направите уште денес.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори за пита (за секој ролат се потребни по 4 кори), 1 л млеко, 200 г шеќер, 3 пудинзи од ванила, 100 мл масло, 200 г гриз, 200 мл јогурт, 1 ванилин шеќер, 1/2 прашок за печиво, 3 јајца, 300 г вишни, 40 г маргарин или путер.
ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува смесата за ванилиниот пудинг. Во тенџере ставете 700 мл млеко, а во него додајте 7 лажици шеќер, измешајте и оставете млекото да зоврие.
Во меѓувреме во останатиот дел од млекото додајте го ванилиниот шеќер и трите пудинзи од ванила. Кога млекото ќе зоврие, додајте ја смесата со пудингот. Мешајте постојано додека да ја добиете посакуваната густина.
Пудингот префрлете го во сад, додајте 40 г маргарин или путер, прекријте го садот со фолија и оставете да се излади. Додека пудингот се лади, подгответе го преливот за корите.
Со маталка изматете ги јајцата и постепено започнете да го додавате шеќерот. Потоа додадете го маслото, јогуртот, гризот, ванилиниот шеќер и половина кесичка прашок за печиво. Сета смеса убаво соединете ја.
Започнете со правењето пита по принцип – 4 кори, на секоја од нив прелив, на првите две кори додавате само од преливот со лажица и добро распоредете, на третата кора додавате од преливот и неколку вишни, а на последната додавате прелив, вишни и пудинг, редите во еден ред, а потоа ја завиткувате кората во ролат. На последната кора додајте вишни по желба. Јас секогаш ставам вишни, но не премногу.
Повторете ја истата постапка за приготвување додека имате прелив и пудинг. За секој ролат ќе ви бидат потребни 4 кори за пита. Ролатот премачкајте го со остатокот од преливот. Секогаш правам по 3 ролати, што значи дека се потребни 12 кори за пита. Од таа количина излегуваат многу ролатчиња, откога ќе ги исечете на ситни кругови по печењето.
Подготвените ролати редете ги во плех, а во меѓувреме загрејте ја рерната на 180 степени. Одозгора премачкате ги ролатите со остатокот од преливот. Ролатите се печат околу 30 минути. По изминатото време извадете ги од рерна и оставете малку да се изладат. Потоа исечете ги на подебели кругови и редете ги во голема чинија.
Одозгора наросете шеќер во прав и послужете. Јас понекогаш го послужувам ролатот со една топка сладолед, тоа е совршената комбинација која некогаш ќе ја пробате. Но, и без сладоледот оваа пита е превкусна и одговара за сите пригоди. Деталите од целата постапка може да ги погледнете ОВДЕ.