Брзо се приготвуваат, многу се вкусни дури и следниот ден се многу меки и свежи. Филот може да го подготвувате по ваш вкус, конретно овој рецепт е со мелено месо, моите дома најмногу ги сакаат со мелено месо бидејќи има најбогат вкус.
Во секој случај, може да ги правите со сирење, кашкавал, кечап, ајвар или да ставите сувомеснато по вкус. Имам слушнато дека некои ги сакаат и со лути пиперчиња, има разни рецепти, па затоа оставаме да фантазирате и импровизирате со филот за да го добиете посакуваниот вкус.
Тестото се подготвува без квасец, а сепак е многу вкусно и не е потребно долго да се меси, ниту да се чека да стасува. Се прави од неколку едноставни состојки со мерки на чаша од 200 мл. Еве што ви е потребно за да го направите:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 чаша млеко (200 мл), 1 чаша вода, 1 кесичка сода бикарбона (10 г), 4,5 чаши брашно (540 г), 1 мала лажичка сол (8 г). ЗА ФИЛ: 400 г мелено месо (чисто или мешано), ситно сечкан магдонос, 2 главици кромид, 1 мала лажичка сол, 1 мала лажичка црн пипер, 100 мл вода (1/2 чаша).
ПОСТАПКА: За да го подготвите тестото, во еден подлабок сад ставете го млекото, додајте ја водата, па истурете ја сода бикарбоната, ќе ви биде потребно околу 10 г. Измешајте со дрвена лажица додека состојките да се соединат, па потоа додајте го брашното.
Полека започнете да го мешате брашното, додајте ја солта и формирајте меко и фино тесто кое нема да се лепи под прсти. Кога убаво ќе го замесите тестото, вратете го во садот каде што првично го замесивте, покријте го со проѕирна фолија и памучна крпа и оставете да одмори 10-тина минути.
По изминатото време, тестото формирајте го во подебел валјак и поделете го на 12 еднакви делови, а потоа без да ги одделувате од тестото, поделете ги на половина за да добиете 24 помали делови. Секој дел формирајте го во топче, а потоа редете ги топчињата на даска и оставете да одморат уште неколку минути додека го подготвувате филот.
ЗА ФИЛОТ: меленото месо ставете го во подлабок сад (не мора да го пржите претходно), додајте ситно сечкан магдонос и 2 главици ситно сечкан кромид. Соединете ги состојките со лажица додека да се формира компактна смеса и зачинете по вкус со сол и црн пипер.
Секое топче тесто развлечете го со оклагија во тенок круг. На едната половина редете по малку од филот, а потоа преклопете со празната страна. Кога ќе го затворите тестото, направете декорации, линии со виљушка по краевите.
Вака подготвените панцероти пржете ги во длабоко и загреано масло, по неколку минути додека да поруменат од двете страни, а потоа вадете ги на чинија со хартија за да се впие вишокот масло. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.