Пита со шунка и сирење која гурманите ја обожаваат, со овој рецепт нема никогаш да згрешите. Оваа пита – пирошка е вистинско уживање, на вкус е многу богата. Уште се нарекува и царска пита, бидејќи вкусот е навистина гурмански.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 10 тенки готови кори, 3 јајца (доколку јајцата се помали, може и 4), 250 – 300 г сирење, 1 јогурт, 1/2 кесичка прашок за печиво, 200 г сув врат или печеница.




ПОСТАПКА: Издробете го сирењето, а во сад измешајте ги јајцата, потоа додајте го сиреењето, прашокот за печиво и јогуртот. Се измешајте до соединување. Првата кора малку намастете ја, па поклопете ја со втората кора која исто така треба да ја намастите.




Премачкајте со филот врз втората кора, па поклопете со третата кора која исто така се премачкува со фил и се намастува, повторете го истото со четвртата кора, а петата премачкајте ја со фил и наросете со половина од сувомеснатото месо. Потоа потсредете ги ивиците, вдлабнати кон другите кори и свиткајте.




Повторете ја постапката и со втората половина од кори. Од овој рецепт излегуваат два големи ролати. Со преостанатиот фил се премачкуваат ролатите одозгора, исто така се премачкува и со масло. Наросете со сусам по желба.




Печете во претходно загреана рерна на 200 степени околу 40 минути. Се послужува со јогурт. За подготовка на питата, може да користите какво било сирење, јас користев мешано. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ, и прочитајте го следниот рецепт, можеби тој уште повеќе ќе ви се допадне од претходниот.




Доколку имате повеќе кори, искористете ги и нив. Направете поголема количина од филот. Питата се прави многу лесно и едноставно, а филот се подготвува за неполни 5 минути, само се ставаат состојките во сад и сè се меша.

II РЕЦЕПТ – Пита со готови кори, има вкус како да ја правел врвен пекар. Излегува доста, ќе ве прејаде. Може да ја филувате со сирење, спанаќ, блитва, зелка, месо, праз.




А, исто така може да ја приготвувате и во слатка варијанта, па да ја филувате со рендана тиква, јаболка, вишни или нешто по ваша желба. Потребни состојки: 1 пакување готови кори, 3 јајца, 1 ќесичка сув квасец, 1 лажичка шеќер, 2 филџани топло млеко, 2 филџани топла вода, 1,5 филџан масло, сол по вкус и 20-тина лажици брашно.




За фил: сирење, спанаќ, месо, по желба… Постапка: Најпрво загрејте го млекото да биде млако, а потоа во него додајте една ќесичка сув квасец и шеќер (може и една лажица брашно).




Промешајте убаво за да се раствори шеќерот, да нема грутчиња од квасецот и брашното, па оставете го квасецот 10-тина минути да се активира и да запени. Во друг подлабок сад изматете ги јајцата со миксер или жица. Матете ги додека убаво да се запенат, побелат и згуснат.

Додајте два филџани млака вода и 1,5 филџан масло. Малку посолете, но внимавајте доколку и сирењето е солено. Промешајте со жица за да се изедначи. Кога квасецот ќе се активира, додајте го и него во оваа смеса па заедно убаво промешајте со жицата за матење.

На крај постепено додавајте брашно, вкупно околу 20-тина лажици, постојано мешајќи за да нема грутчиња. Смесата треба да биде со густина како онаа за палачинки. Ставете неколку лажици врз една кора и убаво премачкајте ја со силиконска четка. Врз неа ставете друга кора, па и неа премачкајте ја.

Можете да филувате по две или три кори, тоа е по ваша желба. Додајте го приготвеното сирење или филот со кој сте одбрале да ја филувате питата, па сролајте. Најпрво превиткајте ги по 1,5 цм сите краеви, па од страната на филот свиткајте ја ролната.

Редете во тепсија како полжав со надоврзување на секоја ролна. Со остатокот од смесата премачкајте ја целата пита и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 150 степени околу 10 минути, а потоа зголемете ја температурата на 180 степени и печете додека да зарумени.