Јагодите може да ги јадете и вон сезона со ова превкусно слатко кое понекогаш и самостојно може да се послужи како десерт, но може да го комбинирате со сладолед, како додаток на колач или да го ставате во торти и колачи.




Најпрво мора да си подготвите стерилизирани тегли кои имаат здрав капак, а тоа најлесно ќе го направите на 90 степени во рерна околу 10 минути. Потоа, треба да користите здрави јагоди, така што ако купите точна количина колку што е потребна за слаткото, најверојатно нема да ви стигне бидејќи неколку оштетени јаготки ќе треба да се исфрлат.




„Јас купувам повеќе јагоди, можеби уште 500 г повеќе, па ги исфрлам оштетените, а останатите ги чистам од зелениот дел и ги потопувам во вода со сода бикарбона, да отстојат уште половина час, па потоа уште еднаш добро ги мијам“, вели Виолета.

„Овој рецепт го подготвувам со години и секогаш ми трае по неколку месеци, што за мене е долг рок бидејќи не содржи никакви конзерванси. За да ви трае подолго може да додадете лимонтус.




За слаткото ќе ви бидат потребни 3 кг јагоди и 2 кг шеќер. По некој друг рецепт соодносот е 1:1, така што на 1 кг јагоди треба да се додаде 1 кг шеќер, но доколку ја намалите количината на шеќер, слаткото може да излезе уште повкусно, особено ако јагодите се благички и ако не го сакате многу благо.




Ќе ви биде потребно уште 1,2 литар вода, прво оди литар, па одозгора се додава уште 200 мл вода. Најпрво во поголемо тенџере ставете го кристал шеќерот, па одозгора прелијте со 1,2 литри вода. На секој килограм оди 400 мл вода.




Кога водата ќе проврие, се чека уште малку да вари додека да добие на густина заедно со шеќерот кој ќе се направи како сируп. Ќе треба да варите уште некои 2-3 минути, промешајте за полесно да се раствори шеќерот, да не остане на дното.




Кога сирупот ќе згусне, намалете ја температурата на ринглата, јас намалив од 6 на 4, а ако најмногу ви е 9 тогаш намалете на 6 за да крчка. Јагодите започнете да ги додавате во сирупот и оставете да се готват во него.




Пената која по некое време ќе почне да се формира на површината потребно е да ја вадите додека се вари на оптимална температура. Јагодите не треба да ги мешате, само може внимателно да го протресувате тенџерето.




Јагодите се готват околу 30 минути, пената се отстранува целосно, а потоа кога ќе се згусне уште повеќе сирупот и кога капките ќе почнат потешко да паѓаат кога ќе земете малку со лажица, тогаш слаткото е готово. Не треба премногу да се згусне за да не се направи џем.




По изминатото време, кога ќе се направи сируп со посакуваната густина, се трга од рингла и се остава целосно да излади. Сирупот се складира во чисти врели тегли и се остава преку ноќ во рерна, а потоа се преместува во подрум или на некое друго ладно и темно место. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.