Не ми беше тешко да го направам овој десерт кој го правеа мајка ми и баба ми кога бевме мали. Убаво подзаборавено јадење, а сега на моите мили дечиња им го направив за да пробаат. Мене ме врати во детството…
Потребни ви се неколку вообичаени состојки за да го направите тестото, а потоа уште малку шеќер и путер кои треба да ги сварите, да ги изгмечите во паста/крем и да прелиете како топки сладолед врз тестото. Печеното тесто има „лајт“ вкус и ми е погодено. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млако млеко, 20 г жив квасец, 3 големи лажици брашно, 2 големи лажици шеќер, 1 мала лажица ванилин екстракт, 2 јајца, прстофат сол, 125 г путер, 470 г брашно, масло. ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: 50 г путер, 125 г шеќер, 2 големи лажици шеќер за наросување.
ПОСТАПКА: Во подлабок сад издробете 20 г жив квасец или 5-7 г обичен сув или инстант квасец. Одозгора прелијте со млако млеко (не треба да биде зовриено) и додајте 3 лажици брашно од целокупната количина која е потребна за да се замеси тестото.
Додајте исто така и 2 лажици шеќер и убаво промешајте. Почекајте квасецот да запени, околу 10-15 минути. Во друг сад ставете го брашното и направете вдлабнатина во коа треба да ги додадете двете јајца. Промешајте и додајте прстофат сол, 1 лажичка ванилин екстракт.
Путерот растопете го настрана на ниска температура за да не загори, а потоа тргнете од рингла. Квасецот соединете го со путерот, а на крајот додајте го брашното. На електричен миксер замесете фино, меко и мазно тесто кое нема да се лепи под прстите.
Тестото може да го замесите и на рака, а доколку е потребно може да додадете уште брашно, колку што ви е потребно за да не ви лепи под прстите. Тестото се витка во проѕирна фолија и се остава на топло место да нарасне околу 30 минути.
Еден огноотпорен сад се премачкува со полурастопен путер на дното и по страните. Врз путерот се реди брашно и подеднакво се распоредува. Кога тестото ќе стаса, се развлекува во садот каде што се пече со помош на прстите.
Тестото се развлекува како „фокача“, познатиот италијански леб за кој не треба оклагија, ниту комплицирана подготовка. Потоа повторно се покрива со фолијата и се остава да стаса додека да ги подготвите состојките за преливање.
ЗА ПРЕЛИВАЊЕ: Направете смеса од 50 г полурастопен путер заедно со 125 г шеќер. Измешајте ја смесата до соединување, а потоа во тестото направете дупки на еднакво растојание, по 3 во ред со помош на некој предмет, како дршката на дрвена лажица.
Со путерот и шеќерот пополнете ги дупките и оставете да излегуваат поголеми топчиња на површината, а потоа наросете со шеќер, може и цимет. Печете на 180 степени околу 30 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.