Вкусни и меки лиснати погачи со сирење. Толку многу се меки што се топат во уста. Готови за неколку минути, а се јадат веднаш. Одлични за појадок, ручек или вечера, а подготовката е многу едноставна. Навистина нема поубави, а со овој рецепт секогаш излегуваат меки и сочни.
Потребни ви се само неколку состојки. Излегуваат многу и не се пресолени, сирењето е таман и комбинацијата на дозирани состојки е внимателно подготвена. Eве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 250 мл млако млеко, 100 мл млака вода, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер, 100 мл масло, 1 јајце, 40 г свеж квасец, 200 – 250 г маргарин, 200 г сирење, сусам.
ПОСТАПКА: Млекото, и јајцето оставете ги на собна температура да отстојат 1 час пред подготовката. Во поголем сад ставете го млакото млеко, потоа додајте ја млаката вода, 1 лажичка сол и 1 лажичка шеќер. Потоа додајте го маслото, јајцето и 40 г свеж квасец.
Промешајте ја смесата со рачна маталка и веднаш замесете го тестото со брашно. Потребно е околу 1 кг брашно. Постепено додавајте го и премесувајте со рака додека да се формира тестото. Откога ќе се замеси тестото не се остава да отстои туку веднаш работете со него. Ставете го на добро набрашнета површина и наросете уште малку брашно преку тестото.
Замесете го уште малце тестото и веднаш започнете со формирање во облик на правоаголник. Со помош на оклагија развлечете го тестото така што кората ќе излезе тенка. Потоа земете го маргаринот и едно ренде и изрендајте го ладниот маргарин само до половина на тестото.
Празниот дел односно другата половина преклопете ја врз половината со ренданиот маргарин. Малку притиснете го тестото со раце. Врз преклопениот ден изрендајте уште еднаш маргарин исто до половина на тестото. Повторете ја постапката и празниот дел префрлете го врз делот со маргарин и повторно притиснете го тестото со раце.
Преклопете го тестото уште еднаш и со помош на н ож пресечете ја страната каде што го преклопувавте тестото – надолжно. Тестото сролајте го како ролат и оставете да отстои 10–15 минути на собна температура.
Повторно набрашнете ја површината каде што ќе го работите тестото и набрашнете го и него. Исто кората се развлекува со помош на оклагија во форма на правоаголник. Изрендајте маргарин до половина тесто и преклопете како и претходно.
Кога ќе го преклопите тестото ќе добиете форма на правоаголник од него. Сега преклопете ја едната страна до половина, а исто така и другата страна, а потоа повторно превиткајте го на половина и оставете да отстои 15 минути на собна температура.
Овој процес се повторува 3–5 пати, во зависност од тоа колку сакате тестото да е развиено. Повторете ја постапката најмалку 3, а најмногу 5 пати. Јас секогаш го повторувам процесот трипати.
Откога ќе го завршите овој процес, по отстојувањето на тестото, развлечете го со оклагија во правоаголник. Сега повторете ја постапката до половина на тестото, само што сега додајте издробено или рендано сирење и повторно преклопете го.
По преклопување на тестото, малку притиснете го од горната страна. Повторно пресете надолжно на краевите каде што се превиткува. Започнете со пресекување на тестото на големи праваголници, а потоа пресечете ги уште двапати додека се добијат мали коцкички.
Коцките тесто редете го во тава со хартија за печење и премачкајте ги со разматено јајце и наросете сусам врз нив. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени, а откога ќе ги ставите да се печат намалете ја температурата на 180 степени и печете 25 – 30 минути. Повремено проверувајте ги. Кога ќе добијат убава златна боја, готови се. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.