Секогаш ги правам во двојна количина, зошто колку и да им направам, секогаш се малку. Ова е непроценлив рецепт! Им ги правам во две верзии, а двата рецепти можете да ги прочитате подолу. Домашните пишии се одлични за појадок, ужина или оброк за носење на работа.
Па, доколку не сте пробале да ги направите досега, обидете се со едноставниов рецепт на Наташа Алексовска. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 мл кисело млеко, 600 г брашно, 1/2 супена лажица сода бикарбона, 1/2 супена лажица сол, 1 пакетче прашок за печиво
ПОСТАПКА: во подлабок сад се става брашно, потоа се додава киселото млеко, сода бикарбона, сол и прашок за печиво. Се замесува меко и мазно тесто. Тестото се развлекува во поголема кора со дебелина од 1 центиметар.
Развлечената кора се сече по должина на ленти, а потоа и попреку, накосо за да се добијат форми на баклава. Или сечете ги во форма по ваша желба (секако се многу вкусни, без разлика на формата).
Добиените баклавчиња се пржат во умерено загреано масло, а потоа се редат на кујнска хартија за да се исцеди вишокот маснотија од нив. Пишиите се послужуваат со сирење и со чаша јогурт или пак со кисело млеко. Во продолжение прочитајте го и вториот рецепт за јогуртните пишии:
Испробан рецепт за појадок или вечера – пишии со јогурт – готови за половина час. Превкусни пишии, мекици, уштипци со јогурт, кои сите ќе ве воодушеват со вкусот. Брзо се приготвуваат, за половина час се готови! Брзи и вкусни.
Потребни состојки: 2 јајца, 250 мл јогурт, 1 лажичка сол, 1 прашок за печиво и 550-600 г брашно
Постапка: двете јајца малку изматете ги со жица, па додајте 250 мл јогурт, една лажичка сол и еден прашок за печиво. Промешајте и добро и соединете. Во смесата започнете да додавате 4,5 чаши (од 200 мл) брашно или 550-600 г.
Прво мешајте со лажица, а потоа и со раце. Замесете убаво меко тесто кое не се лепи за раце. Тестото префрлете го на набрашнета работна површина и развлечете го во кора со дебелина од 5 мм.
Кората исечете ја на правоаголничина, квадратчиња или триаголничиња и оставете ги да одморат 10-тина минути. За тоа време загрејте го маслото. Пржете ги на умерена температура.
Прво спуштајте ги во масло со горниот дел, па откако ќе зарумени, свртете ги и на другата страна. Пржените пишии вадете ги врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Прочитајте го и третиот рецепт кој особено ќе ве воодушеви:
Нешто брзо, лесно и едноставно за појадок или вечера – за 15 мин е готово. Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara Boss). Рецептот одамна ми беше запишан во тефтер, па прелистувајќи го, го здогледав и одлучив да го направам.
Токму во вистинско време кога ни требаше нешто брзо, лесно и едноставно за вечера… Потребни состојки: 1 јајце, 200 мл јогурт, 400 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 130 г сирење, 130 г кашкавал, 130 г шунка, 1 лажичка оригано и 3 лажици кечап
Постапка: Шунката, кашкавалот и сирењето се рендаат ситно. Од сите состојки се замесува хомогено тесто, кое го развлекуваме во кора на набрашнета работна површина, со дебелина од околу 0,5 см. Кората се сече на коцки.
Веднаш се пржат во загреано масло по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат, па се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Служете ги топли, но вкусни се и кога се изладени, со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба.