Сите ги знаеме Марс чоколатцата кои имаат растеглив карамел крем, а чоколадото и бисквитот се топат во уста. Моите дечиња многу ги сакаат, така го измислив рецептот за оваа торта која излегува многу богата и во неколку слоеви.




Јас практикувам да ја правам во помал калап за да испадне повисока затоа што дечињата се восхитуваат и се радуваат кога јадат големо Марс парче торта. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап со пречник од 18 см): 3 јајца, прстофат сол, 80 г шеќер, 1 лажиче ванилин шеќер, 50 мл млеко, 30 мл масло, 80 г брашно, 20 г какао во прав, 1 лажиче прашок за печиво. ЗА КАРАМЕЛОТ: 150 г шеќер, 30 г путер, 150 мл неутрална павлака со масленост 33%, прстофат сол.

ЗА ЧОКОЛАДЕН КРЕМ: 100 г млечно чоколадо, 100 г темно чоколадо, 450 мл неутрална павлака, 10 г желатин, 4 лажици вода. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо и 80 мл неутрална павлака.




ПОСТАПКА: Најпрво се подготвува бисквитот на следниов начин: јајцата се матат заедно со шеќерот. Прво се започнува со матење со миксер на најмала брзина, а постепено се зголемува истата. Потребно е смесата да се мати околу 5-8 минути за да се зголеми нејзиниот волумен.




Потоа додајте прстофат сол, ванилиниот шеќер и продолжете со матење. Додајте 50 мл млеко и околу 30 мл масло, па повторно соединете. На крајот преку сито се додаваат брашното, какаото и прашокот за печиво и смесата се меша во еднолична, мазна и течна чоколадна смеса.




Во калап со флексибилен обрач (пречник 18 см) излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја. Бисквитот се пече во претходно загреана рерна на 180 степени, 35-40 минути. По печењето, кората се остава да излади, а потоа се сече напречно на 3 еднакви кори.




ПОДГОТОВКА НА КАРАМЕЛОТ: шеќерот растопете го во тенџере на рингла на ниска температура. Во карамелот додајте го путерот и мешајте додека тој да се растопи. Додајте прстофат сол. На крајот се додава течната павлака и целата смеса убаво се соединува. Кога ќе почне да вари се трга од рингла и се остава настрана да излади.




ПОДГОТОВКА НА КРЕМОТ: Двете чоколада се растопуваат на пареа или директно во тенџере на рингла. Неутралната павлака се мати во шлаг, а желатинот и водата се мешаат и се остава некои 10 минути додека самиот желатин да набубри.




Во кремот од неутрална павлака додајте го течното чоколадо, соединете, па на крајот додајте го течниот желатин. Целата смеса убаво соединете ја со помош на миксер, па двата кремови ставете ги во кујнски шприц за да филувате.




Во калапот каде што го печевте бисквитот ставете ја првата кора најдолу, потоа филувајте со дебел слој од чоколадниот крем, а одозгора се става малку од карамелот. Потоа оди втората кора, истиот распоред на кремови и на крај третата кора која не се премачкува со ништо одозгора.




Завиткајте ја тортата во најлонска фолија и ставете во фрижидер да се стегне на неколку часа, а може и во текот на ноќта. Следниот ден направете глазура од чоколадо и неутрална павлака и прелијте врз тортата. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.