Понекогаш подолго време поминуваме во осмислување на јадењето што ќе го приготвуваме, отколку во самата постапка на приготвување. Ќе ви откриеме четири нови рецепти за вкусни јадења со кои ќе го збогатите вашето мени. Секој од овие рецепти е за чиста десетка, па според состојките што ги имате дома – одберете го оној што најмногу ви одговара:

РЕЦЕПТ 1 – ЌОФТЕ ВО МЛЕЧЕН СОС СО СПАНАЌ: Ова ќофте го правам кога ми треба некое брзо јадење, особено кога децата ми одат попладне во училиште. Додека ќофтињата се печат, јас го правам сосот или пирето, и ручекот за половина час е готов. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за ќофте): 600 г мелено месо по избор, 1 јајце, 1/2 лажичка сув зачин (вегета), малку мелен црн пипер, малку лук во прав, 100 мл млеко, 2 парчиња вчерашен леб (посув). ЗА СОС: 2 лажици брашно, 100 мл путер или масло, 200 мл течна павлака за готвење, 400 мл млеко, 200-300 г свеж спанаќ, сол и црн пипер по вкус, малку лук во прав

ПОСТАПКА: изронете го лебот и прелијте го со млеко, па дополнително малку замесете го со рака. Во растопениот леб додајте го меленото месо, јајцето и зачините, па добро измесете го за да се соединат сите состојки. Со влажни или намастени дланки формирајте топчиња и редете ги врз намастена чинија.

Загрејте масло на умерена температура, па спуштајте ги топчињата и запржете ги од сите страни рамномерно. Во меѓувреме исперете го спанаќот, па во подлабока тава или тенџере ставете малку масло или путер, па кога ќе се растопи намалете на умерена температура. Додајте го брашното и мешајте мнинута-две, додека малку да пожолти.




Потоа залијте ја павлаката за готвење, а потоа и млекото. Мешајте и додајте го спанаќот, намалете ја температурата на тивко, полека да крчка. Доколку спанаќот е ситен не мора да се сечка, а ако листовите се крупни, тогаш исечкајте го. Мешајте, па додајте ги зачините. Сосот треба да биде редок, па ако ви згусне слободно долејте уште малку млеко.

Печените (или пржените) ќофтиња спуштајте ги во сосот и оставете уште малку да крчка на тивко за да се впијат вкусовите. Во меѓувреме можете да испржите помфрит или да сварите компир-пире како прилог на јадењето. Вториот рецепт за гулаш од рерна многу брзо се приготвува, а потоа се крчка во рерната подолго време:

РЕЦЕПТ 2 – ГУЛАШ ОД РЕРНА СО ЗЕЛЕНЧУК: месото е меко и сè се одвојува на жилички, за зеленчукот се претвора во вкусен сос. Може да користите месо какво што сакате, а исто така и зеленчук по избор. Потребен ви е глинен или керамички сад со капак за да биде јадењето уште повкусно. Од 1 кг месо јадевме петорица и уште ни остана, па така, количините прилагодете ги според потребите. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг јунешко од бут, 2 главици кромид, 3 моркови, 2 чешниња лук, 4 пиперки (бабури), 1 конзерва пелати домати, 200 г шампињони, 1 рамна лажица сув зачин (вегета), 100 мл масло, малку сол и црн пипер, 1 лажица црвен пипер, 1 лажица сув магдонос

ПОСТАПКА: Месото исечете го на крупни коцки. Загрејте го маслото на посилен оган, па спуштајте го месото (но не ја преполнувајте тавата за да не се лади маслото, а месото убаво да се испржи). Испржете ги парчињата месо додека малку да заруменат од двете страни (не два-три наврати, не го ставајте целото месо одеднаш).

Пржените парчиња месо веднаш спуштајте ги во садот за гулаш. Во меѓувреме исечкјате го кромидот ситно, а морковот покрупно. Во истото масло испржете го кромидот, малку посолете, Додајте го морковот и промешајте, па оставете и тој да се запржи неколку минути. Тргнете од оган и истурете врз месото.

Пиперките исечкјате ги и додајте ги во садот заедно со месото, шампињоните исечкајте ги на листови, па додајте ги и доматите од конзерва/тегла или пак додајте свежи домати исечени на коцки. Додајте лукче и зачини по вкус. Потоа залијте со вода или супа, колку малку да ги прекриете сите состојки.




Лесно промешајте со лажица колку да се распоредат состојките. Поклопете и ставете во ладна рерна. Вклучете на 200 степени и слободни сте 2,5 до 3 часа. После 2 часа првпат треба само еднаш лесно да го промешате јадењето (тогаш ќе видите дали е ретко или густо, но имајте во предвид дека јадењето ќе се крчка уште половина до еден час.

Може да го отворите капакот ако сметате дека има повеќе течност или да го оставите, по ваша проценка. Откако јадењето ќе се зготви, извадете го и оставете го 10 минути „да одмори“ пред послужување. Третото јадење е мусака на коцки, класична мусака од месо и компири, но овојпат месото и компирите се сечат на коцки:

РЕЦЕПТ 3 – МУСАКА НА КОЦКИ: Освен што состојките се исечени на коцки, оваа мусака се разликува и во начинот на подготовка на компирот: прво малку го сварив, зошто знае да биде доста сув, а му додадов и малку путер. Убаво јадење за ручек со некоја свежа салата. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг компир, 1 голема главица кромид, 500 г месо сечено на ситни коцки, 1 лажичка сув зачин, по половина лажичка сол и црн пипер, 2 јајца, 200 мл јогурт, 100 г путер

ПОСТАПКА: Исечкајте го кромидот на ситни коцки, додајте чаша вода и ставете да се готви (може и да го пржитте, но вака е поздраво и повкусно). Во омекнатиот кромид додајте го месото и уште една чаша вода, па продолжете со готвењето. Додека месото се динста на тивко, излупете го кромидот и исечете го на коцки.

Ставете го во тенџере со вода, па откако ќе зоврие гответе 10 минути и исклучете го огнот. месото повремено промешувајте го и додавајте вода доколку е потребно. Месото се динста 30-45 минути. Додајте зачини, а солта оставете ја за компирот. Растопете го путерот, а рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени.

Компирот процедете го, па половина компир ставете во огноотпорен сад во кој сè ќе се пече. Околу 100 мл течност одвојте од садот во кој се динсташе месото, а месото распоредете го рамномерно преку компирот, а преку него остатокот од компирот. Во одвоената течност додајте две јајца и добро изматете.




Додајте јогурт, растопен путер и сол, па измешајте додека да се соединат состојките. Прелијте преку компирот и ставете да се пече помеѓи 30 и 60 минути во зависност од рерната и колку сакате да ви биде потпечено. Најдобро е да се извади кога врвовите од компирчињата малку ќе заруменат. И четвртиот предлог за денес: пилешки уштипци:

РЕЦЕПТ 4 – ПИЛЕШКИ УПТИПЦИ: Кога сè ви здодеало и кога веќе немате никаква идеја што да зготвите за ручек, или пак, немате доволно месо – тогаш овој рецепт е токму за вас. Децата го обожаваат ова јадење, а како прилог можете да послужите апсолутно сè што ќе посакате. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 пилешко бело месо со средна величина, 3 јајца, 5 лажици масло, 1 лажичка сенф, 1,5 лажичка сол, 0,5 лажичка црн пипер, зачини (по 0,5 лажичка лук во прав, црвен пипер, куркума, малку шумбир во прав, 1 полна лажѓица магдонос…), 3 полни лажици брашно (може и комбинација од бело и пченкарно)

ПОСТАПКА: Месото исечкјате го на ситни коцки. Во посебен сад изматете ги јајцата со сенф, масло, сол и црн пипер. Додајте ги останатите зачини и брашното, па убаво со жица маталка изедначете ја смесата да нема грутчиња. Во оваа смеса спуштете го месото и промешајте. Оставете да отстои еден час во фрижидер.

Загрејте масло во широка тава на умерена температура. Лажицата намастете ја во топлото масло, па црпете од смесата и спуштајте ги уштипците. Пржете ги рамнимерно додека убаво да заруменат од двете страни, па вадете ги врз чинија обложена со хартиена салветка. Пријатно јадење / Domасireсерti.net