Вкусни мафини кои се подготвуваат од 1 јаболко и уште 5 други состојки кои постојано ги имате во домот. Калапите за мафините ги подготвувате вие од тесто кое се замесува за неколку минути, без чекање. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 1 јајце, 5 лажици шеќер (80 г), 60 г путер, 7-8 лажици брашно (210 г), 1 рамна лажичка прашок за печиво (3 г). ЗА ФИЛ: 1 јаболко, 2 лажици шеќер (35 г), 1 лажица путер (15 г), 1 лажичка лимонов сок (5 г), грозје по желба или некои други мешунки.
ПОСТАПКА ЗА ФИЛОТ: Излупете ја кората на јаболкото, а потоа исечете го на четвртини. Важно е да го исчистите од семките и малото тврдо гранче. Секоја четвртина пресечете ја на половина, а потоа осмините пресечете ги на уште една половина.
Исечкајте ги јаболката на мали коцки. Пресечените коцки не треба да бидат премали за да не се направат како каша за време на готвењето. Коцките јаболка ставете ги во тенџере, а во него додајте го шеќерот, путерот, лимоновиот сок и додајте суво грозје по желба.
Јас во рецептот додадов 3 лажици суво грозје бидејќи домашните се големи љубители на ова овошје. Но, рецептот може да го прилагодите според вашите желби, така што може да додадете сува брусница, праска или ситно сечкани ореви или бадеми.
Промешајте ја смесата и ставете го тенџерето на рингла со средна температура. Оставете состојките да се готват додека јаболката да омекнат. Повремено мешајте ја смесата, но не постојано за да не се претвори во каша.
Потребно е јаболката да испуштат малку од нивниот сок кој ќе ги направи мафините сочни. Откога ќе омекне овошјето, тргнете го тенџерето од оган и оставете го настрана додека го подготвувате тестото (односно калапот) за мафините.
ЗА ТЕСТО: Стопете путер во посебно тенџере, а во подлабок сад додајте го јајцето, шеќерот и на крајот ставете го растопениот и изладен путер. Изматете ја смесата со жична маталка додека да се соединат состојките.
Кога ќе добиете течна, портокалова смеса, на крајот постепено се додава брашното. Не го ставајте целото брашно одеднаш. Најпрво додајте 6 супени лажици брашно и додајте го прашокот за печиво.
Мешајте ја смесата со лажица додека да се формира тесто. Потоа, замесете го тестото со раце, а доколку е лепливо додајте уште 2 супени лажици брашно. Важно е постепено да го додавате брашното бидејќи тестото направено на овој начин ќе излезе најмеко и највкусно.
Откога ќе формирате меко и нелепливо тесто, префлете го на рамна и тврда подлога и со оклагија развлечете кора со дебелина од 1 см. Потоа со чаша која ќе има малку поголем дијаметар од секој од калапите за печење, извадете кругчиња.
Од ова тесто излегуваат 8 кругчиња (калапи) за мафини. Најпрво извадете 4 кругчиња, а потоа замесете го уште еднаш тестото, извадете уште 2 и повторете ја истата постапка за да извадите уште 2 кругчиња.
Најверојатно на крајот ќе ви остане уште малку тесто кое е потребно да го сочувате. Плехот со калапи за мафини, може да го намастите со малку масло и да наросите малку брашно на дното и по страните од внатрешноста, за полесно да излезат колачите после печењето.
Но, тоа не е неопходно. Во овој рецепт, јас не го направив тој чекор, а тестото за мафини по печењето не беше залепено. Колачите веднаш излегуваа од калапот совршено формирани од сите страни. Сепак доколку сте несигурни во својот плех, може да го намастите и да го наросите со брашно.
Секое од кругчињата ставете го во калапот на дното и со прстите притиснете го по целата површина. Потребно е истото да го направите и од страните на калапот кои треба да бидат обложени со тесто. Доколку тестото не ви стасува за да го обложите секое калапче, искористете ја малата количина преостанато тесто за да ги дополните празнините.
Истата постапка повторете ја со сите кругчиња. Во калапите додајте еднаква количина од филот со јаболка кој претходно го подготвивте. Со преостанатото тесто направете прстен околу секој калап кој не мора да биде совршен и правилно формиран.
Овој чекор е важен за да не го фрлите преостанатото тесто и да го искористите во целост. Прстенот од тесто на површината на мафините изгледа како совршена декорација за подготовка на овие мафини.
Во претходно загреана рерна на 180 степени, печете ги мафините 20-25 минути во зависност од рерната. Кога ќе забележите дека тестото заруменило, извадете ги мафините од рерната.
Важен чекор во подготовка на овие мафини е да ги оставите да се изладат на собна температура неколку секунди. По изминатото време, извадете ги мафините од калапите и наредете ги на чинија. Одозгора наросете шеќер во прав.
Овие мафини се толку многу вкусни што оваа количина слободно може да ја дуплирате бидејќи ќе се изедат за неколку минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.