Домашен сок од вишни. Многу е вкусен и освежителен, го правам секое лето и тоа во голема количина. Децата најмногу го сакаат и веднаш ми го пијат, може да се разреди со вода, но и не мора. Eве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5 кг вишни, 5 кг шеќер, 50 г лимонтус, 3 литри вода, 1 – 2 кесички ванилин шеќер по желба. Количината на обичниот шеќер може да се намали, доколку ви е премногу 5 кг шеќер.
ПОСТАПКА: Вишните се мијат под млаз вода, плодот се одвојува од листовите и гранчињата и се става во поголем сад со шеќер и вода да отстои 24 часа (не е проблем ако остане и подолго од еден ден).
Се остава да отстои на ладно и темно место и се промешува повеќе пати во текот на денот за шеќерот полесно да се растопи бидејќи растопувањето потешко се одвива во ладна вода. Пожелно е малку да се изгмечат вишните.
По изминатото време, течноста се процедува низ цедалка или газа. Важно е да се одвои лушпата и поголемите парчиња вишни. Процедениот сок (сируп) вкусете го разреден со вода и доколку е потребно додајте уште малку лимонтус.
Јас додавам 100 г лимонтус бидејќи сакаме кога е малку покисело и една до две кесички ванилин шеќер заради арома. Се заедно се готви на пониска температура, не на висока бидејќи новонастанатата пена може нагло да го прекипи тенџерето.
По зовривањето, оставете да „крчка“ на умерена температура 3–5 минути. Пробувајте го сокот постојано и доколку нешто недостасува, додајте по вкус. Бидете претпазливи со лимонската киселина.
Претходно пастеризирајте неколку стаклени тегли или шишиња на 100 степени во рерна околу 45 минути. Оставете малку да изладат, а потоа додајте го врелиот сок во нив. Добро затворете ги флашите. Капачињата е пожелно да ги премачкате со ал-кохол пред затворање на шишето.
Ставете ги во кутија и одозгора покријте ги со ќебе. Чувајте на темно и суво место. Се остава да се ладат 2 – 3 дена, а потоа се спремни за употреба. Сокот има рок на траење 2 години без да се расипе.
Забелешка: Лимонтус може, но и не мора да се стави. Доколку сокот го сакате без никакви додатоци тогаш не користете лимонтус, бидејќи вишните сами по себе се кисели. Како и да е, сокот (сирупот) е вкусен и на двата начина.
Количината на шеќер сами одредете ја, може да ставите и мед наместо шеќер, така е уште поздраво. Идеална количина е 3 кг мед. Може да ставите и повеќе вишни доколку сакате сокот да е покиселкаст.