Овој рецепт е многу стар и е пренесуван од колено на колено, а до ден денес може да се најде во некои слаткарници кои задржале некои традиционални слатки. Можете да го направите и од дома, а за него ќе ви биде потребна само 1 чаша за да ги измерите состојките.
Лесно се памти, така што еднаш штом го прочитате, веднаш ќе знаете да го направите. Многу е вкусен, сочен и неодолив. Јас го јадев како мала, па дури пред некое време го најдов рецептот кој случајно ми го поклони една пријателка. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 2 чаши шеќер, 2 чаши мак, 2 чаши млеко, 1 чаша масло, 3 чаши брашно, 1 кесичка прашок за печиво. За преливот ќе ви биде потребно: 1 чаша шеќер, 1 чаша вода, ½ чоколадо за готвење, 2 лажици какао. Како мерка се користи чаша од 200 мл.
ПОСТАПКА: Жолчките се одвојуваат од белките и се тргаат настрана. Белките се матат во посебен сад со миксер, додека да станат пенасти, а потоа постепено се додава шеќерот, чаша по чаша. Наизменично матете со миксерот додека шеќерот да почне да се растопува во пената.
Започнете да ги додавате жолчките, една по една и матете ги со миксерот до разредување. На истиот начин се додава и маслото, па потоа млекото. Брашното и прашокот за печиво се додаваат на крај, просеани.
Со најмала брзина на миксерот матете и тогаш додајте го макот. Соединете во еднолича, течна и мазна смеса. Оваа смеса не би требало да ви прави проблем со грутчиња бидејќи е постојано во движење заради миксерот.
Во намастен и набрашнет плех со димензија по желба (тоа ја одредува дебелината) излејте ја смесата и протресете ја од рамна површина сосе целиот плех. Печете во претходно загреана рерна на 180 степени. За мојата големина на плех, печев 35 минути, толку ми беа доволни, а колачот сепак беше 2-3 прсти висок.
Во меѓувреме подгответе го преливот: шеќерот, водата, чоколадото и какаото ставете ги на загреана рингла и со повремено мешање почекајте смесата да зоврие и да се соедини. Оставете да вари уште малку, а потоа тргнете од рингла.
Печениот бисквит пресечете го на коцки со големина по желба, а потоа прелијте го со чоколадниот фил, додека е врел. Оставете добро да се впие, некое време, а потоа послужете. Може да го декорирате со мелени ф’стаци измешано со мелени ореви. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.