Со сигурност можам да кажам дека речиси нема човек или дете што не ги сака палачинките. Тие се толку нежни, а нивниот вкус може да се менува со различен филови. За мене се највкусни кога ги филувам со ванилин крем во комбинација со запржено шумско овошје во малку шеќер. Овојпат открив нов рецепт кој стана мој омилен. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл млеко, 200 мл топла вода, 200 г брашно, 3 јајца, 50 мл масло, 5 г сол (мала лажичка или половина), 50 г шеќер. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА СОС: 200 мл млеко, 40 г путер и уште малку за намастување




ПОСТАПКА: Најпрво пригответе го тестото за палачинки. Во подлабок сад скршете три јајца, па додајте сол и шеќер, па наизменично додавајте млеко и брашно и непрекинато мешајте со маталка или со миксер додека да добиете хомогена смеса без грутчиња.




Во оваа густа смеса започнете да ја додавате топлата вода во тенок млаз, исто така непрекинато мешајќи, а на крај додајте го маслото. Добро изматете додека да се изедначат сите состојки. Тестото има густина на јогурт.




Може да го оставите неколку минути да одмори, но можете и веднаш да започнете со печењето на палачинките. Во нелепливо тавче загрејте малку путер или масло, па со кутлача истурајте од тестото и рамномерно распоредете го со подигање и движење под различни агли.




Палачинките пржете ги од двете страни по 2-3 минути или додека убаво да заруменат. Редете ги една врз друга, така ќе обезбедите нивна мекост и еластичност. Од овој момент можете да ги јадете така или да ги филувате со некој крем, но ви препорачувам да ги потопите во млеко на следниот начин:




Во еден сад ставете 200 мл млеко и една мала коцка путер, па загревајте додека да се растопи. Можете да ги потопувате палачинките во млекото или едноставно да ги здиплите и да ги наредите во намастено тавче со путер, па да ги прелиете со приготвеното млеко.




Поклопете ги под капак и гответе ги на тивок оган околу 10 минути. За тоа време тие ќе го впијат млекото и ќе станат многу сочни. Вака приготвените палачинки се совршени во комбинација со мед и мелени ореви или некое свежо овошје. Деталите погледнете ги ОВДЕ.