Овој рецепт за тестенини во сос го научив од мајка ми. Таа ни ги правеше кога бевме деца со брат ми, а сега јас им ги правам на моите дечиња. Слично како болоњезе, но наместо доматен сос ги готвам со кечап. Покрај тоа, тестенините се готват во сосот, а не посебно.
Ова е идеален ручек ако сакате нешто брзо и економично, за 15 минути да е готово. Јас додавам и работи по вкус кои што ги јадеме, а ручекот е феноменален, како од ресторан, па и поубаво. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица црвен кромид, неколку чешниња лук (по вкус), 400 г мелено месо, 150 г кечап, 150 г шампињони, 700 мл вода, 400 г шпагети или други тестенини, кашкавал, масло, сол, вегета и оригано.
ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете го маслото и почекајте да се загрее на среден оган. Во меѓувреме излупете една главица кромид и исечкајте го на ситни коцки. Истото направете го и со чешнињата лук кои треба да ги додадете заедно со кромидот во маслото.
Кога кромидот ќе кристализира се додава меленото месо и се готви додека да застакли и да се карамелизира. Се зачинува со 1 мала лажичка сол, 2 лажички сув зачин и 2 лажички оригано. Потоа се додаваат шампињоните и сите состојки се продолжува да се пржат на тивко.
Негде при крајот на готвењето кога сите состојки ќе бидат испржени, јас додавам 200 мл вода и оставам да се крчка на тивко. Кога водата ќе испари се додаваат тестенините и се прелива со 0,5 литри вода. Тестенините се варат во водата додека да омекнат, приближно 7-8 минути или како што е означено на пакувањето.
За ова време водата ќе се апсорбира во шпагетите, а остатокот ќе испари. Вака сварените тестенини излегуваат многу кремасти бидејќи во сосот се крчка водата од нив. Пред да ги тргнам од рингла зачинувам со уште малку оригано и убаво мешам да се распореди зачинот.
Шпагетите веднаш се сервираат во чинија и одозгора се наросува со рендан кашкавал. Овој ручек е готов за 15 минути и навистина е многу вкусен. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.