Оваа старинска пита е идеална за нашите мирисни сетила и густаторни папили. Превкусно за правење, ќе ве врати во детството кога нашите баби ги развлекуваа корите преку целата маса, а ние со воодушевеност гледавме како се подготвува питата. Во продолжение прочитајте 2 рецепти за оваа вкусна масленица:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 650 г брашно, 1,5 лажица сол, 450 мл вода. За прелив: 100 мл масло, 120 г путер. Со ова тесто може да правите разни пити и бурек со сирење, месо, компир, вишни, јаболки..

ПОСТАПКА: Сите наведени состојки за тестo се ставаат во сад со маталки за месење и се меша додека сè добие убаво мазно тесто. Ако немате миксер за тесто, измесете го со раце и потоа поделете го на 2 еднакви делови, топчиња.




Секое топче одделно развлечете го со оклагија во овална форма и намастете го со масло. Покријте со фолија и оставете тестото да одмори околу 1 час. Секоја кора одозгора ја премачкуваме со масло и малку ја развлекуваме со оклагија, а потоа тегнеме со раце.




Со раце се тегне преку целата маса, со голема претпазливост да не ви се скине. Потоа одозгора повторно се премачкува со многу масло. Со помош на чаршафот кој е одоздола се превиткува едната страна, па спротивната страна до половина на масата.




Повторно се намастуваат корите, па истото се повторува и од другите две страни и така сè додека да формирате коцка која е идеална за тавата во која ќе ја печете. Оваа кора се остава на средина на масата и врз неа се развлекува и втората кора на истиот начин.




Важно е само при секое превиткување добро да ги намастувате корите, а на крајот се премачкуваат корите одделно со путер. Потоа една врз друга се преместуваат во намастена тава и се печат во претходно загреана рерна на 220 степени, 20 минути.




Погачата е лисната, одвнатре шуплива, но сепак сочна. Не е многу масна, идеална е за секој вид на оброк, а најубаво одговара да се јаде со јогурт. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

(втор рецепт) ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 кг брашно, 2 чаши млеко, 1 чаша јогурт, 1/2 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 40 г квасец, масло.

ПОСТАПКА: Сите наведени состојки се ставаат во сад со маталки за месење и се меша додека се добие убаво мазно тесто. Ако немате миксер за тесто, измесете го со раце и потоа оставете го да кисне покриено со проѕирна фолија, на топло место околу половина час.




Тестото префрлете го на побрашнета работна површина и поделете го на приближно еднакви 8 делови. Од секои осмини направете топче (по 4 за секоја пита). Секое топче развлечете го во кора со величина на чинија.




Секоја кора одозгора ја премачкуваме со масло и малку ја тегнеме со раце, ја поклопуваме со следна кора и убаво ги спојуваме краевите. Не ја мастиме само последната, четвртата кора.




Потоа со оглагија се развлекува колку може потенка кора, водејќи сметка да не се одвојат поврзаните краеви. Кората се премачкува со масло и се витка како ролат, а потоа како полжав. Се става во тавче обложено со хартија и се остава покриено да кисне 10-15 минути. Во меѓувреме на ист начин се приготвува и втората погача.




“Полжавот” со оклагија одозгора се развлекува во кора, се враќа во тепсијата и се премачкува со едно изматено јајце. Потоа со виљушка се боцка на повеќе места и се става на печење во загреана рерна на 180 степени околу 30-35 минути или додека да биде печена, во зависност од рерната.