Многу вкусно чоколадно тирамису со еспресо, никогаш не сум јадела повкусно. Овој рецепт го имам одамна, а сите многу го сакаат. Еднаш ми го побараа рецептот и во слаткарница. Се прави многу едноставно, скоро цела работа е матење со миксер.

Верувајте никогаш повкусно тирамису нема да пробате. По подготовката треба да отстои во фрижидер најмалку 2 часа и морам да признаам дека тоа е најтешкиот дел.




Потребни состојки за кората: несолен путер 70 г, црно чоколадо 30 г, какао 40 г, прстофат сол (2 г), топло млеко 80 г, еспресо 50 г, 3 жолчки, брашно 100 г, 1 кесичка прашок за печиво (6 г), 3 белки, шеќер 150 г.




За млекото кое се прелива врз кората: млеко 80 г, хопла 80 г, карамелизирано кондензирано млеко 80 г, претходно подготвено еспресо 80 г. За кремастиот слој: бело чоколадо 50 г, еспресо 20 г, блага или обична хопла 30 г, маскарпоне 120 г и уште 150 г од хоплата и какао за наросување на кремот.




Постапка за подготовка на кората: Во еден сад се става црното чоколадо и путерот. Се става во топла вода или садот со црно чоколадо и путер се загрева на пареа со повремено мешање до растопување.




Во друг сад се додаваат сувите состојки односно какаото, солта и веќе подготвено еспресо кафе. Одозгора се прелива со топлото млеко. Сите состојки се матат со миксер до соединување. По кратко матење се додаваат трите жолчки, а одозгора се прелива со претходно растопеното чоколадо и путерот. Повторно се мати со миксер.




Треба да добиете погуст чоколаден крем. Во сад додајте го брашното и прашокот за печиво. Измешајте со маталка и просејте го брашното врз чоколадниот прелив. Добро измешајте со маталка до соединување. Во друг сад се матат трите белки од јајце додека да се добие пенаста смеса.




Шеќерот се дели на три делови и се додаваат постепено со постојано матење со миксерот додека да се добие средно стврдната пена. Пената се додава во чоколадниот фил и се меша со маталка.




Смесата се прелива во тава со димензии 21×16 см со претходно поставена хартија за печење. Добро се измазнува и се распоредува подеднакво на сите страни. Се пече во претходно загреана рерна на 160 C околу 35 минути. Повремено проверувајте ја кората додека се пече.




По печењето се става хартија за печење на даска или некоја друга подлога, а одозгора се става жица / држач на тенџере (најдобро би било во правоаголна форма, исто како кората доколку имате). Кората се остава да излади и се превртува со долната страна одозгора.

За подготовка на млекото: Во сад се додава млекото, претходно подготвеното еспресо, благата хопла и карамелизираното кондензирано млеко.




Забелешка: Доколку не можете да најдете карамелизирано кондензирано млеко во маркет, може и сами да си направите. Повеќе за постапката на подготовка на ова млеко може да прочитате OВДЕ.

Се матат течните состојки со маталка и се преливаат врз оладената кора на површината. На површината на кората со виљушка направете неколку мали дупчиња за подобро да се апсорбира млекото во кората.

За подготовка на кремастиот слој: Во сад се става белото чоколадо и се прелива со претходно подготвеното еспресо. Одозгора се прелива со 30 мл хопла. Се загрева во микровална печка или на шпорет до вриење.




Мешајте добро доколку загревате на шпорет за да не загори чоколадото. Оставете малку да подизлади, а потоа додајте маскарпоне. Промешајте со рачна маталка додека да се растопи маскарпонето и се добие кремаста смеса.

Одозгорора се прелива со 150 мл хопла и се мати со миксер додека да се добие шлаг смеса. Кремот се распоредува врз кората на површината и добро се измазнува. Се остава да стврдне во фрижидер најмалку 2 часа.

По желба, за подобар изглед може да ги пресечете краевите по стврднување, но и не мора. Тирамисуто се сече на правоаголници и се наросува обилно со какао. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото OВДЕ.