Со оваа „Твикс“ торта не може да згрешите, сите ќе ја обожаваат, исто како кај мене дома. Кога ја направив првпат, сите другарки ми побараа рецепт, а децата јадеа и по 3-4 парчиња. Нема повкусна, лесна и брза е, а многу едноставно се подготвува. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА ТЕСТО: 300 г брашно, 1 мала лажица прашок за печиво, 140 г путер/маргарин, 2 јајца, 50 г шеќер, прстофат сол, 45 мл млеко. ЗА ФИЛОТ ОД КАРАМЕЛ: 120 г шеќер, 60 г путер/маргарин, 100 мл павлака за готвење, прстодат сол, 2 г желатин измешан со 3 големи лажици вода.
ЗА ЧОКОЛАДНИОТ КРЕМ: 150 г темно чоколадо, 80 мл млеко, 300 мл павлака за готвење, 8 г желатин измешан со 5 големи лажици вода. ЗА ГЛАЗУРА: 90 г чоколадо, 100 г павлака за готвење.
ПОСТАПКА: за подготовка на тестото најпрво во еден подлабок сад ставете го брашното, а веднаш потоа додајте го прашокот за печиво. Путерот треба претходно да биде отстојан 1 час на собна температура, па се додава сечкан на коцки и со раце се вмешува во брашното.
Во друг сад скршете ги двете јајца и додајте го шеќерот и солта. Измешајте пенасто со жица/маталка, па додајте го млекото. Повторно измешајте до соединување на состојките и оваа смеса прелијте ја во брашното. Замесете фино и меко тесто со раце кое не треба да се лепи под прсти. Тестото се става во фолија и се остава во фрижидер околу 30 минути.
По изминатото време, тестото поделете го на 7 еднакви делови и секој дел посебно развлечете го со рака, па со оклагија најтенко што можете. Со помош на флексибилен обрач од еден калап извадете кругови кои одговараат на величината на истиот калап, а краевите кои висат исечете ги. Повторете ја постапката со сите 7 теста.
Секое тесто/кора се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 5-6 минути. Треба да добиете 7 еднакво печени кори како пишии, а процесот на мерење со калап може да го направите и по печењето, важно е само развлечените кори да ја достигнуваат големината на калапот и да бидат еднакви.
ПОДГОТОВКА НА КАРАМЕЛ КРЕМОТ: желатинот соединете го со водата и почекајте да набабри. Во нелепливо тавче распоредете го шеќерот и на тивка рингла почекајте да се растопи. Повремено промешувајте со шпатула. Во карамелата прелијте го млекото и продолжете со мешање додека да почне да пени, а потоа додајте го путерот и растопете го во карамелот.
Во карамел смесата се става прстофат сол и желатинот кој претходно треба да го растопите и убаво се промешува. Овој крем е готов, а сега преминете на подготовка на чоколадниот крем:
Повторете ја постапката со желатинот и водата, а настрана растопете го чоколадото со претходно стоплено млеко (не зовриено). Во него додајте го растопениот желатин. Настрана изматете ја павлаката за готвење и додајте ја во чоколадната смеса. Соединете со миксер.
Редење: на дното од калапот поставете хартија за печење и премачкајте со сосем малку од карамелата. Ставете ја првата кора и премачкувајте со кремот. Повторувајте ја постапката додека да ги потрошите сите кори, а на секоја втора кора премачкувајте прво карамел, а потоа од кремот.
На крајот се завршува со последната кора, а одозгора се премачкува со чоколадниот крем. Тортата се става во фрижидер да се излади преку ноќ или минимум 5-6 часа. По ладењето растопете ги состојките за глазура и декорирајте ја тортата со неа. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.