Оваа чоколадна торта едноставно ќе ја обожавате. Откога го најдов рецептот, едноставно сум заглавена со него и не би го менувала за друг. Децата најмногу ја сакаат и едноставно уживаат во секој залак. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 чаша брашно, 1/3 чаша какао, 1 чаша шеќер, 1/2 лажичка сол, 1 мала лажичка прашок за печиво, 1 мала лажичка сода бикарбона, 2 големи јајца, 1/2 чаша полномасно млеко, 1/4 чаша масло, 1 голема лажица екстракт од ванила.




И УШТЕ: 1/2 до 1 мала лажичка инстант кафе (може Нескафе), 1/2 чаша зовриена вода, 1 голема лажица бел оцет. ЗА ФИЛОТ: 250 мл млеко, 1/2 чаша шеќер, 1/4 чаша какао , 1 голема лажица брашно, 40 г несолен путер.




ПОСТАПКА: за подготовка на кората во еден сад се соединуваат сите суви состојки, па потоа се додаваат течните, сè се меша и се става на печење. Во еден сад просејте го брашното заедно со какаото. Промешајте со шпатула, па додајте го шеќерот, солта, прашокот за печиво и сода бикарбоната.




Измешајте ги состојките со шпатула и на средина направете вдлабнатина каде што треба да ги додавате следниве состојки по овој редослед. Ставете ги двете јајца, а потоа прелијте со млекото. Измешајте па додајте го маслото и екстрактот од ванила.




Измешајте ги повторно сите состојки, најдобро со миксер на најлесна брзина, па во смесата додајте претходно направено инстант кафе со зовриена вода и 1 голема лажица бел оцет. Измешајте во еднолична, течна, чоколадна смеса.




Во плех обложен со хартија за печење излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 175 степени, околу 40 минути. По печењето кората се остава малку да се олади, па се сечат краевите, а потоа кората се дели на 4 еднакви делови.




На средина по должина се сече на половина, а потоа на половина по ширина за да добиете 4 еднакви кори. ПОДГОТОВКА НА ФИЛОТ: млекото ставете да зоврие, а потоа во него додајте го шеќерот, какаото и 1 лажица брашно. Измешајте и почекајте да згусне.




Мешајте постојано за смесата да биде без грутки, а потоа тргнете од оган и додајте го несолениот путер. Мешајте додека да се растопи. Редење на тортата: кора, фил, кора, фил и така 4 пати додека да го потрошите материјалот.




Врз последната кора се премачкува целата торта со филот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.