Сите знаеме дека оригиналната баклава се приготвува само со ореви, но има и други видови на баклави кои едноставно мора да ги пробате, зошто не можете да им одолеете.

Таква е и оваа баклава со мелена плазма. Има вкус што не може да се опише! Подолу можете да прочитате за масна и посна верзија на оваа баклава.

I РЕЦЕПТ – ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г кори, 300 г мелени бисквити (плазма), 3 јајца, 5 лажици шеќер, 5 лажици масло, масло за прскање на корите.

ЗА ШЕРБЕТ: 1 литар вода, 800 г шеќер, 1 лимон.

ПОСТАПКА: најпрво сварете го шербетот. Ставете ги водата и шеќерот да провријат, потоа додајте го лимонот исечен на тркалца и варете уште 5 минути, не треба да биде густо. Сварениот сируп тргнете го настрана и оставете го целосно да се олади.

Во посебен сад пенасто изматете ги јајцата со шеќерот додека тој да се растопи, потоа додајте масло, па уште малку изматете со миксерот, и на крај додајте ги мелените бисквити.

Промешајте со лажица или шпатула додека да се изедначат состојките. Смесата ќе биде густа.

Пребројте ги корите и поделете ги, за секој ролат ќе ви бидат потребни по три кори (јас имав 18 кори, ми излегоа вкупно шест ролати).

Првата кора испрскајте ја со малку масло, ставете врз неа втора кора, попрскајте ја и неа, па одозгора ставете ја и третата кора.

Врз третата кора ставете од смесата со бисквити, надолжно (тешко се размачкува бидејќи е густа, па со прсти ќе си помогнете), односно долж целиот еден крај на кората.

Цврсто свиткајте во ролат и редете во намастен плех. Постапката повторете ја со остатокот од корите.

Ролатите исечете ги со големина по ваша желба, можете да ги правите и со големина на залак, но за тоа ви е потребен многу остар нож.

Секој ролат во плехот малку премачкајте го со масло и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, додека убаво да зарумени.

Врелата баклава извадете ја од рерната и со помош на кутлача постепено прелијте ја со изладениот шербет. Оставете ја баклавата добро да се олади и да го впие шербетот.

Добро изладете ја и уживајте во вкусот. Најдобра е кога добро е изладена во фрижидер, не е многу слатка за да ви се слоши, сочна е и брзо се прави.

КРАЛИЦА НА БАКЛАВИТЕ: Дивит или бурма баклава е нешто што не се пропушта…најлесниот рецепт!

II РЕЦЕПТ: „Како што знаете секогаш прво го подготвувам шербетот за да може целосно да се излади и да се прелие ладен врз врелата баклава.

И така се остава да отстои преку ноќ за добро да се впие во корите и следниот ден се послужува“, вели Валентина од Кујната на Валентина Машковиќ.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 15 кори за пита или 450 г. За шербет: 700 г шеќер, 700 мл вода, 2 кесички ванилин шеќер, 1 лимон.

За премачкување на корите: 250 гр путер или маргарин, 100 мл масло. За фил: 200 г мелени бадеми, 200 г мелени ореви, 100 г суво грозје, 100-150 г сечкани ореви, 150 г мелен плазма бисквит.

ПОСТАПКА: најпрво се подготвува шербетот. Во поголемо тенџере ставете ја водата и додајте го шеќерот заедно со ванилиниот шеќер. Малку промешајте и оставете да зоврие, а потоа варете уште 5 минути.

Тргнете го шербетот настрана за целосно да се излади, а потоа кога ќе биде млак додајте сок од еден лимон и неколку парчиња сечкан лимон на кругови.

За филот: Сувото грозје се остава да отстои во вода 10 минути, а потоа се процедува. Јас понекогаш додавам и рум, но овој пат не додадов.

Сомелете ги оревите, бадемите и измешајте ги заедно со сувото грозје. Додајте ги ситно сечканите ореви (по желба, доволно е што има и мелени) и на крај се додаваат мелените бисквити (плазма).

За секој ролат ќе ви бидат потребни по 5 кори ако ги правите полни со фил корите. Јас ставав по 6 кори за секој ролат, значи вкупно 18 кори за пита.

Ролатот се подготвува на следниов начин: Првата кора ја премачкувате со растопен маргарин измешан со масло.

Истото се прави и со втората кора и со третата на која се додава од филот.

На четвртата и петтата кора повторно се премачкува со масло и фил, а исто и со последната (шестата). Се витка во цврст ролат колку што можете повеќе да го стегнете.

Истата постапка се повторува за сите три ролати и потоа им се отсекуваат краевите кои што се суви и се сечат на помали ролатчиња со дебелина од 3 см.

Вака ролатите се редат во намастен плех со средишниот дел кон горе и одозгора се намастуваат уште малку со кујнска четкичка.

Се печат во претходно загреана рерна на 180 степени, 20-30 минути во зависност од јачината на рерната.

Јас печев точно 25 минути и потоа врелата баклава се прелива со ладниот шербет, се остава добро да го впие и се послужува. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.