Започнете и уште отсега, кога приготвувајте некое јадење со кромид, не ги фрлајте туку собирајте ги лушпите во некој посебен, сув сад или книжна кеса, за да можете јајцата да ги офарбате за Велигден, како што некогаш вапсаа нашите баби. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: околу 10 јајца (на белите шарата е поистакната, но оваа постапка може и за двата вида), лушпи од кромид (обичен или црвен), 1 лажичка сол, 2 супени лажици оцет, вода колку да ги прекрие јајцата и лушпите, тенки „најлон“ чорапи (еден пар е доволен ако се долги, оние најевтините – најтенките), ножици, конец, разни тревки (детелина, магдонос, копар…), малку масло




ПОСТАПКА: Јајцата потребно е добро да се исперат со ладна вода и сунѓер, за да ја впијат рамномерно бојата без непредвидени дамки. Подгответе листови и цветови за декорација, а тоа може да биде магдонос, детелина, копар, љубичица или некои поситни ливчиња од дрва.




Исто така, потребно е да подготвите тенки чорапи во кои ќе ги виткате јајцата. Тоа може да бидат долги чорапи кои се доволни за 10-тина јајца. Може да ги исечете на помали парчиња за секое јајце поединечно, но за да заштедите на материјал, може да ги надоврзувате со чвор.




Земете едно јајце и со помош на вода прилепе го предвидениот лист. Колку шарата ќе биде истакната најмногу зависи од тоа колку добро ќе го прилепите ливчето за јајцето. Потоа едноставно јајцето протнете го во чорапот.




Можете да го врзете во чвор (имајте во предвид дека и од чворот исто така ќе се појави шара на другата страна од јајцето) или пак врзете го со конец. Потребно е јајцето добро да биде стегнато, а чорапот добро прилепен за јајцето и листот кој треба да ја направи декорацијата.




Јајцата внимателно наредете ги во тенџере полно со лушпи од кромид, да бидат добро „вгнездени“ и покриени со лушпите од кромид од сите страни. Залијте со вода, да бидат покриени јајцата и лушпите.




Додајте една лажичка сол и две супени лажици оцет, па ставете на оган. Откако ќе зоврие оставете ги јајцата да се варат 10 минути. Потоа тргнете ги настрана и поклопени оставете ги уште половина час во топлата вода.




Внимателно извадете ги од водата и оставете ги во некоја чинија да се ладат. Потоа отстранете го чорапот и листовите, а јајцата премачкјате ги со малку масло за да добијат сјај. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.