Здраво на сите, сакам со вас да го споделам овој рецепт кој навистина ме воодушеви и со вкусот и со леснотијата со која се приготвува. Рафаело топчињата се многу попyларни и речиси сите ги прават според некој свој рецепт, со млеко во прав, или без млеко, посни со густин и вода или растително млеко…
Мојот рецепт се приготвува со млеко и пудинг од ванила, а кој сака може во секое топче да стави лешник, но и не мора, секако се вкусни и празни, уште е потребен шеќер, маргарин или путер и кокос за валање. Ништо комплициpано, а се добиваат доста топчиња со големина на орев, превкусни се, лапни – голтни, одлични за секоја пригода!
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 мл млеко, 2 кесички пудинг од ванила, 7 лажици шеќер, 300 г кокос и уште кокос за валкање, 250 г маргарин или путер, лешници за полнење на топчињата, но не мора и уште 250 г шеќер во прав.
ПОСТАПКА: од половина литар млеко одземете приближно половина чаша за да ги разматите пудинзите. Остатокот млеко заедно со 7 лажици шеќер ставете ги на оган. Прашокот за пудинг добро разматете го да нема грутчиња, па внимателно додајте го во млекото кога тоа ќе зоврие.
Намалете ја температурата и мешајте постојано додека пудингот убаво да се згусне. Потоа оставете го на страна целосно да се олади. Путерот оставете го да омекне на собна температура, па заедно со шеќерот во прав пенасто изматете го со миксер.
Откако убаво ќе го изматите, започнете лажица по лажица да го додавате во него изладениот пудинг, а за цело време матете со миксер. На крај додајте го кокосот и промешајте со лажица убаво да се соедини и изедначи во кремот. Оставете малку во фрижидер да се стегне, но ако ви се брза можете и веднаш да ги формирате топчињата.
Земајте по малку во навлажнета или намастена дланка и формирајте ги топчињата. Во нив можете да ставате по еден лешник, но не е задолжително, и така се многу вкусни. Секое топче валкајте го во кокос и редете ги на рамна површина, а потоа оставете ги во фрижидер убаво да се стегнат, а најдобро е да се остават преку цела ноќ.
Подобри Рафаело топчиња од овие не сум пробала. Станав зависна од нив, па затоа одлучив рецептот да го споделам со вас. / Coolinarika.com II РЕЦЕПТ: Брзи рафаело топчиња од пудинг и кокос – сите деца ги сакаат / Фотографија и рецепт на Сања Милојевиќ – Рафаело топчиња.
Мислам дека сите деца го сакаат овој колач. Јас ги направив без лешник и бадем, а доколку сакате вие можете да ставите во средината од секое топче. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл слатка павлака, 100 мл млеко, 1 кесичка пудинг од ванила, 4 лажици шеќер во прав, 100 г кокос и + 50 г за валкање на бомбиците и 1 кесичка ванилин шеќер.
ПОСТАПКА: ставете ја слатката павлака на оган, а во млекото разматете го прашокот за пудинг со 2 лажици шеќер во прав. Кога доволно ќе се загрее павлака, пред зовривање, во тенок млаз додајте го разматениот пудинг и со постојано мешање варете додека да се згусне.
Тргнете го пудингот настрана и веднаш додека е топол во него додајте 100 г кокос и добро промешајте. Оставете ја смесата да се олади на собна температура со повремено промешување, а потоа оставете ја во фрижидер два часа.
По изминатото време, во една чинија ставете 50 кокос и промешајте го со една кесичка ванилин шеќер. Извадете ја смесата од фрижидер, додајте 2 лажици шеќер во прав, па добро промешајте додека да се изедначи и соедини.
Со помош на лажица земајте од смесата, обликувајте топчиња, валкајте ги во кокосот и редете ги на тацна. По желба може да ставате по еден лешник во секое топче. Оставете ги бобиците еден час во фрижидер пред послужување.