Овој колач се прави со јаболка и ореви и многу е вкусен, готов е за кратко време и може да го направите во секое време. Колачот има многу позитивни коментари како: „Го сакам вкусот на јаболкатa во пити, торти, колачи… Овој рецепт е поинаков од другите.“




„Eдноставен и вкусен колач кој го направив и сум воодушевена од вкусот“; „Одличен колач или торта кој нема маргарин, а тоа е она што го прави посебен, браво.“ Домаќинките го оценија овој колач со највисока оцена 10, а за кој ќе ви бидат потребни следниве состојки:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 800 г јаболка (околу 5 јаболка), 5 супени лажици шеќер, 350 г бисквити, 100 г чоколадо, 50 мл млеко, 120 г ореви. ЗА ГЛАЗУРА: 300 мл млеко, 1 пудинг со вкус на чоколадо, 3 супени лажици шеќер и малку мелени биксвити за декорација.




ПОСТАПКА: јаболката се мијат, па се лупат и се чистат од дршката и од семките на средина. Потоа се рендаат во една чинија. Додека ги рендате јаболката едно по едно можете секое парче да го наросувате со малку сок од лимон да не потемни.




Ренданите јаболка се ставаат во нелепливо тавче и се пропржуваат со шеќерот додека да омекнат, и шеќерот да се растопи во нив. Треба да се направи кашеста смеса која ќе има пријатен мирис кој ќе ја облее целата кујна со цитрусен вкус.




Кога ќе го испржите филот од јаболка, тргнете го тавчето настрана, а потоа во друг сад на рингла растопете го чоколадото скршено на коцки заедно со малку млеко. Направете фина чоколадна смеса која подоцна ќе ја соедините со кашата од јаболка.




Во меѓувреме ситно искршете ги бисквитите и прелијте ги со чоколадната глазура, а одозгора додајте ја кашата од јаболка и 120 г мелени ореви. Потребно е добро да ја измешајте смесата за да се соединат сите состојки, можеби ова ќе биде најтешкиот дел бидејќи смесата е тврда и потешко се меша.




Вака подготвената смеса префрлете ја во кружен калап со флексибилен обрач и со дното од чаша притиснете ја за да се израмни низ целата површина. Калапот е потребно да биде со стандардна големина, но може и мал, во тој случај кората ќе биде повисока. Сепак каков и да имате калап, не е важно бидејќи овој колач не се пече, па не прави некоја разлика големината, освен изгледот.




На крајот направете глазура од 300 мл млеко измешано со чоколаден пудинг и малку шеќер. Мешајте на рингла со умерена температура додека пудингот да се згусне и ја добие потребната конзистентност. Потоа премачкајте ја глазурата врз кората од колачот.




Колачот ставете го во фрижидер добро да се стегне неколку часа или преку ноќ, што подолго-толку поубаво, а потоа пред послужување наросете го со мелени бисквити или декорирајте го по ваша желба.