Дарувањето е обичај стар колку што е старо и самото човештво: тоа е гест на внимание, милосрдие, љубов, верност, пријателство…

Никогаш не се даруваат остри предмети како што се ножеви, ножици, секири… но, ниту огледала, па дури ни леб ако тоа не е предвидено со некој традиционален или верски обичај.

Во минатото не смеело ништо да се дарува, а притоа да не се побара барем мала противуслуга. Значи, подаруваш нешто кога треба да замолиш некого за некоја услуга. Во спротивно, наводно се ризикува да се дарува и сопствената среќа и напредок.

Се сметало дека дарежливоста е особина на великодушните, толерантните, хуманите и племените лица. Дали некој ќе порасне во широкограден човек, односно дарежлив, наводно можело да се утврди уште во неговото рано детство – ако бебето ги држи рачињата опуштени и отворени, тоа укажувало дека во животот ќе биде дарежлив. Исто така, се верува дека оние кои имаат таканаречен орлов нос, дека се несебични и дарежливи.

Дарувањето и даровите секогаш биле проследени со одредена церемонија и свеченост, но и тага и жалост. За тоа постоеле конкретни списоци на дарови кои можеле да се подаруваат во поедини животни ситуации – за време на венчавка, раѓање на дете, именден, верски слави, вселување во нов дом, успешно напредување во професионалната кариера, купување на автомобил…накратко, за сите радосни случувања и веселби.

Да се дојде во посета без подарок, значело навреда за домаќинот. Оној кој дарува, се надева дека ќе остане во Божја милост и дека ќе биде награден со материјално и духовно богатство.

Пари никогаш не се подаруваат. Со пари се плаќаат услуги и не може да бидат замена за дар. Исклучок е дарување на младенци и новороденче.

ШТО И КОМУ СЕ ДАРУВА:

1.За дипломирање се дарува цвеќе.

2.Ако сте повикани на некоја прослава, понесете помал подарок или шише пијалак.

3.За годишница брак се дарува цвеќе или пригоден подарок.

4.На болен човек му одат на посета само роднини и интимни пријатели.

5.На Нова година и верски празници даровите треба да бидат знак на внимание, а не предмети од вредност.

6.За денот на жената обичај е да се подари или испрати цвеќе, а во кругот на семејството може да дадете и повредни подароци.

7.Подарок не смее да се одбие бидејќи тоа е тешка навреда за дарувачот. Единствен случај кога подарокот смее и треба да се одбие, е кога сте сигурни дека подарокот има карактер на подмитување.

8.Подароците може да се вратат единствено ако дошло до раскин на веридбата. Бившата вереница го враќа вереничкиот прстен и сите вредни подароци кои ги добила. Поклоните им ги враќа и на роднините со кратко писмено објаснување.

9.После венчавка подароците никогаш не се враќаат, без разлика колку долго или кратко траел бракот.

10.Ако добиеш дар во сон – тоа значи кавга. Ако даруваш некого во сон – оговарање и интриги. Да видиш дарови во сон – губиток.