Сукана баклава: детално објаснет рецепт

Фото и рецепт: Дијана Талевска

За тесто:

-1 јајце, 6 жолчки,1 шолја млако млеко, 1 шолја масло, 2 супени лажици лимонов сок, 1 прашок за печиво, прстофат сол и шеќер, по потреба брашно-околу 1 кг..

Шолјата е од 300 мл..

За сучење:

-200-250 г нишесте

За полевање:

-1 маргарин или путер и 1 шолја масло

За фил:

-800 г толчени ореви или по потреба, желба

За шербет:

-2 кг шеќер, 4 ванили, 1,5 литар вода и сок од половина лимон.

Подготовка:

Од наведените состојки за тесто се замесува средно меко тесто. Убаво се изработува, убаво се меси.

Тестото се дели на 6 дела.

Од секој дел се вадат по 10 топчиња.

Секое од 10 -те топчиња се макаат во нишесте и се сучат колку плитка чинија.

Се редат едно врз друго, измеѓу се фрла нишесте. Од така наредени едни врз други корички се сучи една кора, со фрлање на нишесте.

Значи добиваме 6 кори.

Секоја кора се отвора на чаршав додека се изработат сите, со цел малку да се потсушат.

Во намрсена тава со пречник од 42 см. се редат корите.

Прво се ставаат две кори, па дел од оревите.

Трета кора-ореви.

Четврта кора-ореви.

Петта кора-ореви.

Шеста кора.

Се сечи во сакана форма. Јас тоа го правам во вид на цвет.

Па се полева со мрснотијата.

Путерот или маргаринот се топи и меша со маслото.

Малку да здивни, па полека со лажица се полева целата баклава.

Се остава да отстои така баклавата, некои 10-15 мин. убаво да се впие мрснотијата.

Се става да се пече во загреана рерна.

Најпрво на најјако на 250 степени околу 15-20 мин., додека да добие убава боја.

Па се намалува на 150 степени околу 30 мин., повторно се намалува на 100 степени и се пече уште 40-50 мин..

Вкупното време на печење е од 1,30-1,45 мин..

Но, сепак тоа зависи од вашата рерна. Во две различни шпориња ја печам различно. Важно е прво на најсилно да разлиста и запече, а потоа се намалува постепено додека убаво да изврие.

Се остава да излади.

Се започнува со подготовка на шербетот.

Се ставаат водата и шеќерите да зовријат и штом зовријат се додава лимоновиот сок.

Штом зоврие шербетот се намалува јачината на ринглата, да вари на умерена јачина (кај мене од 9-ка на 5-ка) околу 30 мин., т.е. додека шербетот ја добие потребната густина, не паѓа од ноктот.

Се остава малку да здивни 10-на минути и се залева изладената баклава. Не се покрива со ништо одозгора додека убаво, потполно се излади.

Нека отстои преку ноќ и послужете…

На здравје!

Сучена баклава…. вистинско уживање и сладење за љубителите на шербетско благо.